Фото: Заштитените споменици на културата во Делчево

Делчево може да се гордее на своето културно-историско наследство најмногу благодарение на градбите кои покрај тоа што оставиле белег во современата македонска историја, се и вистински репрезенти на културата препознатлива за населението во Пијанец.

Според евиденцијата во Регистарот на културно наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН) заклучно со 30 септември 2014 година, вкупно за културно наследство во државата се прогласени 1235 објекти и места.

Меѓу општините кои имаат заштитени споменици на културата е и Општина Делчево. Тоа се црквите Св.Цар Константин и Царица Елена во село Разловци, Света Петка во село Селник и Св.Архангел Михаил во село Драмче.

Црква Св.Петка во село Селник

Точни податоци за изградбата на црквата Св.Петка во село Селник не се достапни, но според трите слоја на фрескоживописот, од кои првиот е некаде од XIII-XIV век, се претпоставува дека истата била изградена некаде во XIV век.

Врз основа на зачуваниот ктиторски натпис, изградена е во „тешко време“, кога столувал „новиот епископ Прохор“.

Во 2001 година, црквата била реконструирана, а во дворот биле изградени помошни објекти. Секоја година на 27 октомври, т.е. на празникот Петковден, во црквата се организира голем собор.

Градбата на црквата е еднокорабна со правоаголна основа и е покриена со камени плочи. Градена е од кршен камен и вар. Над влезната врата има ниша со фреска на која е прикажана Света Петка.

Внатрешноста на црквата е зографисана. Ја живописал Јован Комнов, најверојатно во третата деценија на XII век. Ѕидното сликарство е стилски блиско на недалечниот алински манастир „Св. Спас“ во Бугарија (1626).

Во сликаната програма се вклучени локалните пустиножители Св. Јоаким Осоговски и Св. Јоан Рилски.

Фрескоживописот се состои од три слоја, од кои првиот е некаде од XIII-XIV век, додека следниот од XVI век, односно од времето на архиепископот Прохор Охридски. Натписите се словенски и сведочат за продолжувањето на словенската култура во време на отоманското владеење. Целата црква е живописана, но голем дел од фреските се оштетени. Иконостасот со царските двери и иконите биле изработени во 1906 година од страна на зографот Гаврил.

Црква Св.Архангел Михаил во село Драмче

Центар на црковниот и просветниот живот во Драмче и неговата околина била црквата „Св. Архангел Михаил” што се наоѓа кај Старòто Село, позната како Шарена црква. Оваа црква градена според народното предание врз темелите на големата црква „Св. Богородица“ од VI-VII век.

Била разрушена до темел, во исто време, кога биле опустошени и црквите во Црквенец , Селник и др. населби.

Не е познато кога точно е градена оваа црква. Се претпоставува дека е средновековна, од XI век. Целата внатрешност била со прекрасен фрескоживопис. Црквата е еднокорабна и е градена со камен и оросан и покриена со камен.

И покрај преземените мерки за заштита, таа во неколку наврати била опожарувана од страна на Османлиите.

Во својот труд (во ракопис) „Црквите и манастирите во Ѕвегорската и Делчевската парохија “, парохот Александар Васев наведува дека се мисли оти црквата е градена во крајот на 17 и почетокот на 18 век. Градена е во поствизантискиот период. Претстолните икони ги насликал Григорие Пецанев од Струмица.

На Св. Двери е запишана годината 1841, како и на иконостасот и самата црква, а се мисли дека се градени многу порано.

Црквата „Св. Архангел Михаил” се наоѓа на местото Еремија и е една од највредните споменици на културата во Пијанец заштитена со Законот за заштита на културното наследство.

Тука, секоја година, со векови, се собираат драмчани и мештаните од околните села од целиот регион како и градот Делчево. Палат свеќи за здравје и се служи заедничка трпеза на љубобта. Во непосредна близина на црквата се наоѓаат остатоците од првото училиште во Драмче кое било отворено 1869 година. Покрај учениците од Драмче, училиштето го посетувале и деца од соседните населби.

Први наставници биле свештениците. Драмче има богат црковен, но и просветен живот. Настава во ова училиште се изведувала сè до 1922 година, кога по изградбата на новата училишна зграда, тоа престанува со работа. Во близина на училиштето се изгради нова современа училишна зграда во која настава има сè до 2008 год.

Поради малиот број на ученици (само 3), училиштето, по полни 140 години, престана со работа. Со тоа згаснаа вековните просветни традиции во Драмче.

Црквата Св. Архангел Михаил е неколку пати горена , па иако целата била во фрески тие се наполно уништени, само постојат знаци под горниот слој кои укажуваат дека некогаш на ѕидовите постоеле фрески.

Оштетувањата на внатрешните ѕидови на црквата се видливи и денеска и доколку не се превземат активности за нејзино реставрирање и конзервација постои опасност истата да се оштети уште повеќе.

Црква Св.Цар Константин и Царица Елена во село Разловци

Црквата била изградена во 1850 година. Не е познато кога и од кој архијереј е осветена.

Според мештаните, црквата е уште постара. Започнува да се гради по иницијатива на Поп Стојан, заедно со блиските соработници Цоне Спасев, Стоил Ѓорѓов и Стоил Ковач. Нивните ликови се фрескоживописани на западната страна на црквата, наречени „ктитори сосе доми“, односно ктиторите со семејствата.

Црквата ја градело целото село, но Турците ја стопирале градбата бидејќи немало дозвола и на тоа место немало стара црква. Селаните го донеле стариот камен крст од црквата „Св. Никола“ од Горно Поле, го закопале на местото каде се градела новата црква и продолжиле со работата. Интересно е што за портата на црквата биле изработени два големи клуча од Стоил Ковач, а со едниот од нив и ден-денес се отвора оваа црква.

Кога Поп Стојан ја започнал својата револуционерна дејност, фреската со својот лик ја премачкал со пепел и вар. Така премачкана стоела уште сто години и била повторно откриена во 1976 година, на стогодишнината од востанието.

Спроти Благовец во 1914 година во дворот на црквата кај варницата полна со вар и вода, четата на Јован Бабунски извршила крвав терор. Имено, сите осомничени за соработка со тогашните власти (свештеници и клисари) живи ги боделе и ги фрлале во варницата.

Општините Аеродром, Арачиново, Богданци, Боговиње, Босилово, Илинден, Кривогаштани, Македонска Каменица, Сопиште, Чешиново-Облешево и Шуто Оризари засега немаат заштитени споменици на културата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*