Трајковски: Обезбедуваме чиста вода за пиење, се грижиме за животната средина

Серијата прес конференции по повод отчет за сработеното во изминатите две години, делчевскиот градоначалник Горан Трајковски ја продолжи и денес. На денешната прес-конференција Трајковски се осврна на темата „Обезбедуваме чиста вода за пиење, се грижиме за животната средина“.
Во продолжение интегрално текстот и видео од прес-конференцијата

Почитувани сограѓани
 
Изминативе две години посветивме значајно внимание на едно од најважните прашања кои значат здравје, а тоа е обезбедување чиста вода за пиење. Во партнерство со ЈКП „Брегалница“ се зафативме со решавање на проблемот со водоснабдувањето и со подобрување на квалитетот на водата за пиење во Делчево и во населените места, но, верувајте, кога се зафативме со решавање на овој проблем, не можев да очекувам дека состојбата со системот за водоснабдување е толку урнисана, запоставена, и без никаква, ама ни најмала инвестиција со децении, во ова прашање значајано за здравјето на населението.
 
Прегледот на активностите во врска со подобрување на квалитетот на водата за пиење ќе го започнам со активностите од реализацијата на најголемиот проект досега во историјата на нашиот град и со донација вредна 7,3 милиони швајцарски франци од кои 6 милиони е донација од Швајцарската Конфедерација, а останатото е поддршка од Минситерството за животна средина и софинансирање од Општина Делчево.
 
Во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“ во консултација со шѓвајцарски консултанти се извршени истражувања на теренот, со нуркачка опрема снимена е акумулацијата Лошана, извршено е мерење на проток и притисок на водата во системот при што е утврдено дека има незначителни загуби на главната линија од браната до прочистителната станица, а исто така, нема загуби на дистрибутивната мрежа меѓу прочистителната станица и Делчево. Во овој период Општина Делчево работи на планската документација за прочистителната станица и фотоволтаичната централа, како и за пристапниот пат, а направена е анализа на работите за поврзување на водоснабдителниот систем на селата Габрово, Ѕвегор и Вирче. Исто така, извршени се геодетски снимања на објектите на мрежата и снимање на идентификуваната мрежа. Во однос на корпоративниот развој на јавните претпријатија од Делчево, Берово и Пехчево вклучени во програмата, следен чекор е набавка на хардвер за овие претпријатија и изработка на веб-страница на претпријатието со можност за електронско плаќање. Очекувам до крајот на оваа година да се распише и тендерот за инфраструктурните зафати кои се планирани да се реализираат догодина на пролет.
Со овој проект чија имплементација треба да заврши за неполни три години-обезбедуваме квалитетна вода за пиење и доволно вода со минимум загуби. Освен Делчево и населените места Габрово и Ѕвегор, Град и Тработивиште, најверојатно, кон овој систем ќе се приклучи и селото Вирче.
 
Чистата вода за пиење е приоритет број еден. Интензивно работиме со поддршка на ЈКП „Брегалница“ за реализација на оваа цел, така што ќе потсетам дека во старата прочистителна станица во село Тработивиште од каде се преработува водата за пиење за Делчево и околните села, за прв пат по 25 години се поставени 2,5 тони активен јаглени прв пат целосно се замени кварцниот песок со нов, односно поставени се 18 тони кварцен песок. Оваа инвестиција е вредна околу 11.000 евра и е на товар на Општина Делчево, а инвестицијата е локален придонес на Општина Делчево во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“. За потребите на филтер-станицата се набавени и нови пумпи во вредност од 200.000 денари.
 
Во претходниот период во партнерство со ЈПКД „Брегалница“ беше извршено чистење и санирање на бунарите за вода кои беа оставени на забот на времето, а беше инсталирана и нова дренажа со зафат на водата од река Ракитина во с. Разловци со што се реши хроничниот проблем со недоситигот со вода во селото Разловци кое вообичаено кулминира за време на летниот период, кога и потрошувачката на вода е поголема.
 
Мора да истакнам дека сериозен партнер на Општина Делчево е ЈКП„Брегалница“. Болниот факт за долговите на претпријатието претставуваше голем проблем, но полека го консолидираме финансиското работење на претпријатието, каде ни беа оставени долгови од претходната власт во висина од 8, 6 милиони денари. Со домаќинско и одговорно работење на директорот на ЈКП, Стојче Стојковски, вратени се 6,5 милиони денари од вкупниот долг, а притоа по подолго време имаме инвестиции во машини и опрема во ЈКП „Брегалница“ вредни 14,8 милиони денари. Набавени се две машини ровокопач со приклучни уреди, ново товарно возило потребно за транспорт на луѓе и опрема при теренска работа, машина за чистење снег од тротоарите, машина за одржување зеленило, со донација е обезбедена машина за чистење и перење на канализацискиот систем.
Едно комунално претпријатие за да биде вистински сервис на граѓаните и да ги решава проблемите ефективно и квалитетно, мора да инвестира во осовременување на машинско-возниот парк. Не може со возила и машини стари и по неколку децении-да се нарекуваш сервис на граѓаните, затоа јакнење на капацитетите на претпријатието од сите аспекти и опрема и машини, но и човечки ресурси, за мене е приоритет.
 
Соработката со ЈКП се одвива на повеќе полиња, од изградба на канализциски системи, тротоари, до хортикултурно уредување на градот, одржување и обновување на урбаната опрема, одржување на парковите и зеленилото, го доуредивме паркот Езерце и ја ставивме во употреба фонтаната, но и ги уредивме градските чешми-фонтани кои претставуваа срам, оставени и заборавени.
 
Еден од главните приоритети на оваа соработка е и грижата за чиста животна средина. Во таа смисла, редовно со чистат дивите депонии, а како Општина организиравме неколку екоакции во кои максимално се вклучија граѓаните и општинската админситрација. Исто така, го уредивме дрворедот по главната улица со кроење на крошните со што решивме сериозен проблем на кој укажуваа возачите подолго време.
 
Како одговорна власт која сака и мора да ги следи светските трендови за почиста животна средина, посветени сме на максимално искористување на обновливите извори на енергија.
 
Делчево, штеди енергија и работи за максимално искористување на обновливите извори на енергија. Во оваа смисла ќе потсетам дека успешно е реализиран партнерскиот проект со Благоевград за енергетски ефикасно јавно осветлување и Општина Делчево штеди енергија од уличното осветлување и до 70%, а од друга страна во оваа година за 20% го зголемивме бројот на електрични светилки во јавното осветлување.
Делчево е осветлено како никогаш досега. Решивме стари проблеми и однесовме јавно улично осветлување, буквално, до секој дом, поставивме светилки на секоја улица, каде имаше и најмали услови тоа да се направи. Ги осветливме и населбите Басарица и Полето, по толку години.
 
Ја заменивме старата дотраена електрична инсталација во старата општинска зграда. Поставени се фотоволтаични системи за производство на енергија на три јавни објекти и тоа: Спомен-домот „АСНОМ“-општинската административна зграда, ООУ „Св.Климент Охридски“ и ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево, како дел од Програмата за подобрување на инфраструктурата во руралните средини, а во рамките на оваа Програма се реализира проектот „Проектирање и изведба на фотоволтаични системи во рурални општини“.
Проблемите ги решаваме плански и одговорно и како градоначалник, посебно, не ги ставам под тепих проблемите кои имаат директно влијание врз здравјето на граѓаните.
 
Во ова мое обраќање сакам да истакнам дека мислиме и на жителите кои живеат по руралните средини во општината. Како и минатата година и оваа година продолживме со прочистување на земјените патишта во селата, активност која беше заборавена од претходните локални власти. Успеваме две години по ред да извршиме прочистување и порамнување на земјените коловози и  прочистиување на канавките за одводнување на локалните патишта во селата. Ова е значајна активност, ако се има предвид дека подрачјето на Општина Делчево е специфично и има населени места од разбиен тип, поради што е специфична и патната инфраструктура. На задоволство за сите земјоделци во с.Тработивиште, по две децении, ЈП Водостопанство ги исчисти и ги реконструира каналите за наводнување во тоа село.
 
Почитувани, ова е дел од активностите спорведени изминативе 24 месеци на полето на здрава животна средина и обезбедување на чиста вода за пиење –ние сме на вистинскиот пат, продолжуваме заедно со една цел да го изградиме Делчево по мерка на сите граѓани. Овој предизвик за мене носи визија за современа и урбана средина и на задоволни граѓани. Нашата држава е на правиот пат и Делчево чекори по правиот пат. Одете горди по него и не се двоумете!!
 
Благодарам

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*