Шампионот Вардар убедливо против „Клубски Патриот“

Рутинска победа на кошаркарките на Вардар, кои во рамки на прволигашката пресметка во Делчево, славеа над домашната екипа на „Клубски Патриот“ со убедливи 26:90. Гостинките од Скопје, без посериозен напор целосно го контролираа натпреварот и на моменти со втор состав дојдоа до рутинска победа, во второто коло од најелитното женско кошаркарско натпреварување.
 
Љупчо Петровски, тренер на екипата од Делчево рече дека е тешко да се одигра натпревар против фаворит како Вардар, но искуството од овој натпревар, како што додаде, за делечвки ќе биде драгоцено за идните натпревари.
 
-Најпрвин честитки до екипата на Вардар, која заслужено ги освои бодовите. Што се однесува до нашата игра, поради подмладениот состав, резултатот беше во втор план. Еден час пред овој натпревар игравме во кадетска М-16 конкуренција, каде настапуваат кошаркарки на возраст до 14 години. додека во прволигашката конкуренција настапуваме со две кошаркарки со 17 години, додека останатите се од подмладокот на екипата. Тоа кажува дека и годинава може да очекуваме две до три победи севкупно. Но сепак искуството е важно, и веќе во наредните натпревари очекувам подобар пристап во нашата игра, истакна Петровски.
 
Додава дека најефикасни во таборот на делчевки биле Георгина Витанова како и Елена Георгиева, додека сестрите Ана и Елена Георгиева беа најдобри во натпреварот во У-16 конкуренција.
 
Натпреварот во Делчево се одигра во спортската сала „Методи Митевски Брицо“ во присуство на околу стотина гледачи. Во следното трето коло во првата женска кошаркарска лига, делчевки играат на гости против екипата на „Струга 2009“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*