Одржана работилница за туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје Ченгино Кале

Туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје „Ченгино Кале“, беа главните теми за дискусија на работилницата која се одржа во Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, Пехчево. Како што истакнаа од Општина Пехчево, работилницата е само една од низата планирани средби поврзани со прашања важни за локалното население.
 
-Во рамки на оваа средба зборувавме за состојбата во регионот во поглед на туристичката понуда, како и за потенцијалите за развој и поврзување на услуги и активности поврзани со различни типови на туризам. Од она што е важно на ова поле, за регионот Малешево е важно тоа што во моментов се изработува „Студија за валоризација на природните вредности на Ченгино Кале“, процес што го координира Македонско еколошко друштво. Се работи за стратешки документ што е основа за процесот на прогласување на дел од Малешевските Планини за заштитено подрачје, истакна од општината.
 
Активностите, како што додадоа, се одвиваат во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
 
-Се работи за втора фаза од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка, со којашто е предвидено воспоставување на заштитени подрачја (ЗП) во сливот на река Брегалница. Во процесот на одбирање на приоритетни подрачја за заштита, во соработка со клучните страни и со одлука на Источен-плански регион (ИПР), беа селектирани Осоговските Планини и Ченгино Кале како најпогодни подрачја за отпочнување процес за прогласување, додадоа од ЕЛС Пехчево.
На средбата присуствуваа и претставници од соседната општина Берово, на чело со градоначалникот Звонко Пекевски, како и клучните чинители од Берово и Пехчево во сферата на туризмот и угостителските услуги. По изработката на студијата за валоризација и по одобрување од Министерство за животна средина и просторно планирање, конечната одлука за предлогот за заштитените подрачја Осогово и Ченгино Кале, треба да ја донесат градоначалниците од 11-те општини од Источно-планскиот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*