Со мошне груба игра во натпревар кој траеше повеќе од два часа, денес екипата на Овче Поле од Свети Николе, ги совлада ракометарките на „Брегалница плус“ во натпревар од редовното коло во женската кадетска лига на Македонија. Денес во салата на СОУ „М.М.Брицо“ љубителите на ракометот, видоа еден навистина нервозен натпревар во кој судиите според многумина во салата, со неодлучно и на моменти пристрасно судење, придонесоа да се игра доста груб ракомет, во кој подебелиот крај го извлекоа кадетките на РК „Брегалница плус“.
Натпреварот кој вообичаено трае еден час, поради грубите стартови се пролонгираше и траеше два часа и 15 минути, најмногу поради интервенциите на лекарската екипа која имаше доста работа на овој меч. Грубоста на Светиниколчанки резултираше со два скршени заба на домашната ракометарка Димитровска, која храбро ја издржа агресивната игра и на крајот се врати на теренот при што беше поздравена со овации од присутните.
Сепак свесни за својата груба игра на крајот од натпреварот кој го добија со двоцифрена разлика, гостинките од Свети Николе се извинија за она што го направија врз домашната ракометарка посакувајки и поскоро опоравување.
Што се однесува до останатите настапи на екипите од Делчево, вчера веќе информиравме за поразот на ЖРК „Делчево“ од ЖРК „Аеродром“ во натпревар во кој исто така судиите според повеќето гледачи го „кроеја“ главниот тек на натпреварот.
Победа викендов забележаа кадетите на РК „Делчево“ кои во Пробиштип ја совладаа екипата на Весна Акумулатори со 24:30.
Leave a Reply