Активности за изградба на канализациона инфраструктура во Делчево

Во населбата „СРЦ“ во Делчево во тек е изградба на крак од фекална канализација. Фекалната канализација се поставува во должина од околу 30 метри, по што како што информираат од Општината, истата ќе биде приклучена на главната канализациона мрежа.
 
-Активностите ги изведуваат екипи на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ кои работат на поставување на цевководот на оваа улица. Со оваа интеревенција финансирана од Општина Делчево, очекуваме да се реши долгогодишен проблем на жителите кои живеат во населбата. На оваа улица се изградени многу нови индивидуални градби за домување, урбанизирана е пред околу дваесет години, но сепак нејзините жители се соочуваа со проблем од недостиг на основна инфраструктура, информираа од Општината.
 
Деновиве како што додадоа надлежните, завршени се и градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улица „Григор Прличев“ во населбата Милково Брдо.
 
-Атмосферската канализација е во должина од 210 метри, а согласно со проектот, на 120 метри должина е поставен цевковод во должина од 210 метри. Исто така, поставени се и сите придружни објекти, контролни шахти, решетки за прибирање на атмосферските води, а се изврши санација на коловозот со асфалт на делот каде се поставуваше канализацијата, дополнија од Општината.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски истакнува дека со изградбата на оваа инфраструктура се решаваат основните потреби на урбаните населби.
 
-Решаваме уште едно критично подрачје во населбата Милково Брдо која важи за големо сливно подрачје и со оваа интервенција се овозможува прибирање на атмосферските води во одводна инсталација и решавање на горливите проблеми на жителите од овој реон и честите поплавувања на подрумите и домовите. Додека во населбата СРЦ мора, како општина да одговориме на потребите од жителите и да добијат основна инфраструктура што е и белег на една урбана населба, рече Трајковски.
 
Инвестицијата за изградба на канализациската инфраструктура е на Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*