Во Берово целосно е завршена маркацијата на планинарската патека до врвот Огражден. Активноста е финансирана од Општина Берово и како што информираше планинарот Љупчо Чучуковски е заеднички проект на ПСК „Голак“ и огранокот „Сосна“.
-Се работи за проект кој го поднесовме пролетта со тогашниот наш огранок „Сосна“ Берово, а кој беше финансиран од Општина Берово. Патеката е со почеток од село Двориште (Баскалска Маала) на 905 метри надморска висина, продолжува преку Еленски рид, се до врв Огражденец, кој се наоѓа на 1746 метри надморска висина, кој е највисок врв на планината Огражден, како и во Општина Берово, информира Чучуковски.
Патеката е мапирана со ГПС уред, расчистена и маркирана по Књефелцова и лентова маркација.
-Како дел од оваа активност поставени се и патокази и инфо-табла според Законот за планинарски патеки како и според правилникот на Федерацијата за планинарство. Патеката е доста интересна за планинарење и ја препорачувам за сите планинари рекреативци, но и за почетници во овој спорт, додава Чучуковски.
По маркирањето на првата планинарската патека во Малешевијата, истата е вметната во туристичката понуда на градот Берово, со што веќе веќе е на располагање, како рекреативна патека за користење од страна на посетителите.
Leave a Reply