Петгодишнина на „Копачката“ во УНЕСКО

Здружението Фолклорна група „Копачка“, с.Драмче, Делчево денес ја одбележа петгодишнината од впишувањето на орото „Копачка“ на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО. Одбележувањето на јубилејот започна со посета на Спомен-собата на Дедо Митко, долгогодишнен ороводец на ФГ „Копачка“ кој живеел во Белчанското Маало во село Драмче, каде за прв пат била изведена Копачката, а продолжи со дефиле на учесниците на настанот низ улиците во центарот на Делчево.
 
Централниот настан во Спомен дом АСНОМ го отвори градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој зборуваше за подвигот на играорците од ФГ „Копачка“ со кој успеаја да го однесат орото високо на светската листа на нематеријално културно наследство креирана од УНЕСКО.
 
-Фолклорната група се одржува веќе 71 година и понатаму промовирајки го она што е уникатно за нас и за овој крај. За „Копачката“ се пишуваше многу, се раскажуваше за нејзиниот пат од Драмче, преку европските и балканските сцени, па сѐ до УНЕСКО. Затоа, денес и играорците и нивните раководители и јас како градоначалник и Општина Делчево, како и Министерството за култура, сите заедно делувајќи секој од свој аспект, се стремиме кон повисоки вредности, а тие стремежи се насочени кон одржливост на орото, негово промовирање со што уште еднаш ќе докажеме дека тоа е живо оро, оро кое обединува стари и млади и кое е предизвик за играорците, истакна Трајковски.
Во рамки на настанот беше промовирана и збирката „Јубилеј 5 години-Копачката во УНЕСКО“ која ја промовираше секретарот на Здружението, Перса Стојановска.
 
-Оваа брошура е двојазична и тоа на македонски и на англиски јазик, а ги опфаќа позначајните проекти реализирани во периодот, од крајот на 2014 до октомври 2019, кои придонесуваат за одржливоста на орото „Копачката“ на Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на УНЕСКО. Во својство на раководител на проектите, одговорно тврдам дека со нивното реализирање и разновидните автивности почнувајќи од истражувачката дејност на традиционални вредности, па издавачка дејност со содржини врзани за опстојот на „Копачката“, настапите на фестивали, манифестации во земјата и странство, организирањето семинари, концерти, јубилеи, заокружуваме период на успешно негување на нематеријалното културно наследство на Пијанец, а со тоа и на „Копачката, рече Стојановска.
Пред присутните се обрати и раководителот на ФГ, фолклористот, Димитар Узунски кој животниот век го посвети на „Копачката“, а потврдата од УНЕСКО е всушност потврда за трудот и работата со играорците од Драмче и остварување на неговата животна цел да се заштитат чекорите на „Копачката“ со што се спасува од заборав една долга и уникатна ороводна традиција.
 
Јубилејот беше збогатен со настап на фолклорни друштва како од Источниот дел од државава, така и од соседна Република Бугарија.
 Одлуката за впишување на бисерот „Копачка“- соборско оро (машко и женско), од село Драмче, Пијанечки регион, во престижната Репрезентативна листа на УНЕСКО за нематеријални културни наследства на човештвото беше донесена на 27 ноември 2014 година во Париз, на 18-та пленарна сесија на Меѓувладиниот комитетот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.

Изјави – Јубилеј „5 години Копачка – во УНЕСКО“

Изјави – Јубилеј „5 години Копачка – во УНЕСКО“

Posted by delcevo365.mk on Wednesday, 27 November 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*