Манов ДОО покровител на годинешната Ѕвегорска Сурова 2020

Се е подготвено за годинешното издание на василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова кој годинава ќе се организира под покровителство на компанијата МАНОВ ДОО. Ѓорѓи Манов кој е кум на овогодишното издание истакна дека настанот и годинава ќе продолжи во духот на традицијата долга 100 години.

-Не сакаме многу да менуваме туку и годинава Ѕвегорската сурова ќе се организира во духот на традицијата која е стара околу 100 години. Почнала на тој начин што првите христијански семејства кои живееле околу Ѕвегор се маскирале од Луков Врв, Мановци и Дрндарица и доаѓале во Ѕвегор. Турците не давале да одат ноќе и затоа таа традиција е дење, додека во околината обичајот Сурова се прави ноќе, вели Манов.

Додава дека најголема забава на Сурова се прави при обидот да се открие невестата.

-Ако таа се открие, завршува Сурова и затоа ние ги викаме Белаци оние кои ја чуваат невестата и при обидот таа да биде откриена настануваат формални турканици во духот на забавата, при што поснажните луѓе сакаат да ја откријат, но Белаците со „кал’чките“ кои ги држат, не го дозволуваат тоа. Невестата е по мене најважната маска, потоа тука се Белаците кои се околу 12-13 души, потоа Попот, Мечка, Мечкар, Мајмунка, Мајмункар, едно време имаше Пепелаши тие порано фрлаа пепел во очите на Белаците за да ја откријат невестата, додава Манов.

Во рамки на обичајот како што дополнува Манов, суроваскарите ги посетуваат сите куќи.

-Се оди во секоја куќа се гледа да не се промаши ниту една куќа. Таа година ми се падна чест да бидам јас кум, секако со помош на синовите. Како што кажав, ништо не сакаме да измениме, туку да ја одржиме традицијата. Да ја искористам приликата да се обратам до сите во општината и надвор од неа, кои сакаат да видат навистина добра Сурова, да повелат на 14 јануари во вторник преку денот, а вечерта организираме вечера популарно гравче, со музика и голема забава. Поканата се однесува до сите, раководители, полиција, политички структури и секој оној кој сака да присуствува, додаде Манов.

Годинава на Сурова повторно свое учество ќе земе и најстариот суроваскар Иван Гоцевски, кој учествува во василичарскиот обичај уште од негови 10 години.

-Почнав на мои 10 години да учествувам, а имам 73 години, значи учествувам без прекин. Традицијата е наследство, штом јас не се откажувам, има наследници деца и истата ќе ја продолжат, вели Гоцевски.

Особен интерес за учество во Ѕвегорска Сурова годинава има и од помладата популација. Еден од оние кои ќе учествува е и младиот Ангелчо Величков.

-Учеството на Сурова значи една традиција која ни ја пренесуваат нашите предци, знаеме уште од стари времиња дека тие се маскирале и ние продолжуваме по нивните стапки, вели Вечичков.

За Суроваскарите по долгиот ден добро да закрпенат секогаш се тука говачите.

-Јас сум еден од главните готвачи на секоја Сурова, главно јадење годинава е грав со месо, а има и салати, месо и друго. Вечерта суроваскарите го донесуваат она што го собрале во текот на денот, се дава на готвачите, потоа тие ги тргаат маските, вечераат и се забавуваат до доцните часови, вели Љупчо Николовски.

Се е подготвено за Ѕвегорска Сурова 2020 чиј покровител годинава е МАНОВ ДОО

Се е подготвено за Ѕвегорска Сурова 2020 чиј покровител годинава е МАНОВ ДОО

Posted by delcevo365.mk on Saturday, 11 January 2020

Во меѓувреме во видеото подолу се потсетуваме на Ѕвегорска Сурова 2019!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*