По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, свештенството при црквата ,,Успение на Пресвета Богородица”, подготовена го дочекува утрешното фрлање на чесниот крст во водите на река Брегалница.
-Утре, 19 јануари, започнуваме со утринска празнична богослужба и Св.Василева литургија. По завршувањето на службата некаде од 10 часот ќе се упатиме кон реката Брегалница, каде ќе го положиме чесниот и животворниот крст во реката Брегалница, информира Џаџовски.

Чесниот крст на Водици како што додава, традиционално кај нашиот народ го симболизира крштението на Исус Христос во реката Јордан од страна на светиот претеча, пророк и Крстител Јован.
-Кога Господ крштевајки се на реката Јордан, Бог Отец од небото сведочеше, ова е мојот возљубен син, светиот дух во вид на гулаб слезе. Тогаш на човештвото се покажа целата Св.Троица Бог Отец, Бог Син и Бог Светиот дух. Ги повикуваме сите верници да земат учество на светата литургија, потоа сите заедно свештенството со верниот народ да се упатиме кон водите на реката Брегалница. Сите оние кои ќе влезат во водата по Крстот ги замолуваме да се однесуваат побожно, достојно и со страв Божји кон Чесниот крст. Нека ни е честит празникот, Бог се јави, Навистина се јави, додаде Џаџовски.
По фаќањето на Светиот крст следува награда која ќе биде доделена во црквата ,,Успение на Пресвета Богородица”, на кој вообичаено ќе се приклучат претставници на општина Делчево и компанијата Зегин.
Во продолжение изјавата од свештеното лице Ванчо Џаџовски како најава за утрешниот настан.
Потсетување на фаќањето на чесниот крст во Делчево од 2019 година.
Leave a Reply