Пензионерите од М.Каменица и Виница со барање за враќање на сопственоста на пензионерските клубови

Како да се подобрат условите за пензионерите е едно од најчестите прашања кои си ги поставуваат пензионерите од крајниот Исток. При посетата на Здружението на пензионери во Македонска Каменица, беа воочени неколку главни проблеми кои новото раководство очекува да се решат во Новата година. Реновирање на работните простории и канцеларии и враќање на службените простории во своја сопственост се само дел од барањата на пензионерите од М.Каменица. Претседателката на каменичкото здружение Јаворка Соколовска, вели дека во текот на годината ќе бидат доставени до надлежните и ќе се бара нивно решавање.

– Откако работи здружението не е ништо направено нити е сменето и е во многу лоша состојба. Како ново раководство сакаме да ги изнесеме дел од тие проблеми со надеж за нивно поскоро решавање. Во таа насока сакаме да соопштиме дека имаме потреба од реновирање на работните простории и канцеларии како и нов инвентар и опрема. Исто така општо познато е дека нашите простории се во сопстевност на ПИОМ и ќе бараме начин истите да им бидат доделени на здружението. Свесни сме дека за да се реновираат работните простории и да се обезбеди нов инвентар потребни се средства кои здружението не е во можност да ги обезбеди. Затоа сакаме и бараме да може да ни се помогне да го направиме пензионерскиот клуб, затоа што пензионерите поголемиот дел од денот го поминуваат во пенизонерското катче. Можете да дојдете да видите во каква состојба се наоѓа клубот со што ќе видите и сами дека истиот е во катастрофална состојба и итно е потребно негово реновирање, истакна Соколовска.

Битен елемент на пензионерите од М.Каменица, како што дополнуваат и останатите пезнионери е помошта и грижата кон старите лица.

-Во таа насока еден од најважните проблеми за нас е обезбедување на старо возило со кое ќе се оди во посета на домовите на старите лица чии деца се надвор од државата. Има лица кои се оставени сами на себе, бидејки децата им се во странство и нема кој да им помогне. Ние сме мала општина, немаме многу големи средства, потребни се и тоа како средства за сето тоа да се постигне. Ако е можно и пензионерски дом да се направи нема да биде лошо, вели пензионерка од М.Каменица.

Во однос на културата Здружението на пензионери активно го негува културно-забавниот живот и учествува на сите манифестации, но сегашното раководство се соочува со недостиг од народни носии, со кои ќе се претставува пред пошироката публика.

-Иако играорната група постои пред 30 години за жал настапува без свои носии. За тоа да се случи пензионерите немаат средства а ова е проблем кој треба да се реши, додава член на пензионерската музичка група од М.Каменица.

На спортски план од здружението на пензионери се пофалија со активно учество на сите спортски манифестации на кои ќе бидат повикани.

-Спортот при здружение на пензионери се одвива прилично активно. Секоја година организираме општински спортски натпревари. Првопласираните во сите спортски дисциплини учествуваат на регионалните спортски натпревари, а потоа и на Републичките првенства, практично речено тоа е една републичка спортска пензионерска Олимипијада и со тоа се завршува циклусот на една година. Значи на спортски план во сите дисциплини сме активни и во регионот сме секогаш на второ место. Имаме добри услови па може да се каже и активности, што се вели луѓето што се зафаќаат да се натпреваруваат одат до крај. Имаме воспоставено ред во тој поглед. Можеме да бидеме и поактивни но условите диктираат да се претставиме согласно своите можности, вели Тимче Стаменковски, еден од пензионерите со најмногу учества на пензионерските спортски игри.

Слични проблеми имаат и пензионерите од Виница. Реновирањето на пензионерскиот дом го посочуваат како еден од прироритетите за оваа година.

-Потребно е реконструкција на кровот, изработка на термичка фасада и столарија, обезбедување на парно затоплување на внатрешните простории и нивна потребна реконструкција. За оваа проблематика имаме разговарано со надлежните и е внесено во акциониот план и методологија на општинско ниво. Потребно е и брзо решавање на проблемот со сопственоста на пензионерскиот дом, сега е во сопственост на државата, а е даден на користење на управување на Фондот за пензионерско и инвалидско осигурување, кој не води грижа за негово одржување. Ние вложуваме средстав за негово одржување, а повратни средства немаме, истакна претседателот на здружението на пензионери од Виница, Петруш Данилов.

Дека пензионерите од најисточпниот дел од државата се обесправени тврди и Станкова Добринка, пензионер од Виница. Бара виничките пензионери да ги имаат бенефициите кои ги имаат пензионерите од Скопје.

– Изедначување на бенефициите со пензионерите од град Скопје кои користат градски превоз, билети за во театар и слично. Имаме потреба од отворање на информативно јавно гласило како телевизија радио и друго бидејки тука во Виница ние немаме и така натаму. Останатото веќе го кажа и нашиот претседател, легализација на пензионерскиот дом во Виница, барање на сопственост за припаѓање на нашето пензионерско здружение, доделување на ученичкиот дом во основното училиште односно негова пренамена во старечки дом, како и решавање на проблемите во здравствениот сектор, вели Станковска.

Поради мал прилив на средства како што додадоа од двете пензионерски здруженија своите активности најчесто ги реализираат преку донации. И двете здруженија неодамна заеднички учествуваа во реализација на проектот за подобрување на медиумската писменост при што потенцираа дека меѓу останатите приоритети под итно им е потребен веб простор каде своите барања и предлози ќе можат јавно да ги споделат со граѓаните.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*