Поставени организатори за складирање мобилни телефони во делчевската деветолетка „Ванчо Прке“

Во делчевската деветолетка „Ванчо Прке“ започна поставувањето организатори за складирање мобилни телефони. Целта на активноста според заменик директорката Маријана Стоименовска е учениците да земат поактивно учество во воспитно-образовниот процес.

-Целта е учениците за време на предавањата и часовите да ја следат наставата, наместо да гледаат во своите телефони. Со тоа сметаме дека ќе добијат повеќе слободно време кога ќе се вратат дома, полесно ќе ја совладаат материјата во училиште, а воедно ќе имаат и повеќе слободно време за спортување, дружење и за користење на мобилните телефони и интернет, рече Стоименовска.

Наставниците и учениците го поздравија овој потег на училишната заедница.

-Учениците имаат телефон за време на наставата и голем процент од нив телефоните ги користат за да ги посетат социјалните мрежи, што не е дел од наставната програма. Со овие организатори во голема мера ќе се олесни и нашата работа, но и учениците ќе бидат повеќе фокусирани на наставата, истакна наставник Горан Попов.

-За нас како училишна заедница е мошне важна оваа активност, бидејки добивме свое бројче каде ќе го оставаме нашиот телефон и отсега таму ќе биде неговото место, истакнаа од училишната заедница.

Овој проект, како што додадоа од делчевската деветолетка го следи примерот на училиштата во Скопје, а истиот се реализираше во соработка со општествено одговорната компанија „Крзно“ која донираше материјал за изработка на организаторите за мобилни телефони. Во реализацијата на проектот се вклучија и професорот Миле Иванов и ученици од текстилната струка во гимназијата „Методи Митевски – Брицо“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*