Бошко Стаменковски – непознатиот шампион од Македонска Каменица

Четириесеттите години од животот за повеќето се период кога спласнува желбата за спорт и е време кога активните спортисти го посветуваат слободното време на своето семејство. За разлика од повеќето, приказната за Бошко Стаменковски, 45 годишен спортист од Македонска Каменица е сосема различна. Стаменковски е еден од ретките кој започнал да се занимава со малку познатиот „Пауер лифтинг“ по 40-тата година од животот, за да за прилично кратко време успее да освои, се што може да се освои на големите натпреварувања. Самиот раскажува дека поради големата телесна тежина морал да започне да се занимава со спортски активности, а неговиот прв избор бил  боди-билдингот, за потоа да почне да се натпреварува во пауер-лифтинг и дисциплината бенч-прес во која ги постигнува и најдобрите резултати.

-Мојата телесна тежина беше 98 килограми, а сум висок само 165 сантиметри што беше недозволиво. За да ја средам ситуацијата со килограмите, најпрвин започнав со трчање. Најголемите резултати ги постигнав со трчање на отворено, тренинг, па трчање на отворено, па попладне исто тренинг, па трчање…Бев изненаден од првите резултати кога ослабнав на 78 килограми. Освен трчањето нормално и вежбав и увидов дека можам да се подготвувам за натпреварувањата во „Боди-билдинг“ бидејки во меѓувреме добив и мускулна маса. Почетоците ми беа како дигач на тегови. Како натпреварувач на почетокот имав учествувано во бенч прес со освоено најпрвин трето место во 2012 година, потоа второ место во 2013 година и во 2014 година освоив прво место во „позинг „боди билдинг“. На 3 мај 2014 година, практично беше и мојот прв настап и поголем успех, на тој датум за прв пат учествував на Куп на Македонија во Боди-билдинг, во категоријата за натпреварувачи над 40 години и го освоив првото место, раскажува Стаменковски.

Истата година во месец септември, како што додава учествува на Атлета на Македонија, при што го освојува второто место за натпреварувачи до 40 години.

-По тој натпревар на социјалните мрежи се запознав со три-четворица спортисти кои се занимаваа со Пауер-лифтинг. Тие ме поканија да патувам со нив на турнир во Бела Паланка, Србија. Потоа дознав дека тоа всушност бил квалификациски турнир за Балканско и Европско првенство. Таму го освоив првото место во категоријата за натпреварувачи до 70 килограми. Тоа всушност беа моите почетоци во пауер-лифтингот, а сето останато следуваше потоа, додава каменичкиот лифтер.

Со освоеното прво место во Бела Паланка следната година Стаменковски обезбедува виза за настап на Балканско првенство, каде го постигнува својот најголем успех, а потоа следувало и првото негово учество на Светското првенство во Лас Вегас, САД, како единствен претставник од Македонија.

-На Балканскиот турнир го срушив рекордот со подигнати 15 килограми повеќе од тогашниот рекорд. Следеше нормално Европското првенство во Истбурн, Англија, каде подигнав 130 килограми и се закитив со златен медал. Најголемиот предизвик ми беше секако во Америка, за прв пат имав можност да ја видам Америка, која е поим за цел свет и Лас Вегас кој пак е поим за цела Америка. Таму се одржа Светското првенство во пауер-лифтинг. Натпреварувањето беше во Вест Гејт Хотел, имаше преку 2000 натпреварувачи од цел свет. Освоив злато и тоа во тој момент беше круна на мојата кариера, бидејки секој спортист кога ќе влезе во теретана и кога потоа ќе започне да се натпреварува, целта му е да освои медал, вели шампионот од Македонска Каменица.

Најголем удел во успесите, како што додава Стаменковски игра исхраната и добриот тренинг.

-Исхраната би рекол е најважниот фактор, затоа што ние кои се натпреваруваме во овој спорт во одредено точно време внесуваме храна во организмот. Како оброкна почетокот најчесто користев килограм стек или риба исклучиво со зелена салата. Секако и тренингот игра доста значајна улога, без добар тренинг нема успех. Во период кога немав добри услови за вежбање одев во други градови, а имав и сопствена импрововизирана теретана. Потоа се изгради спортски комплекс од калибар каков што им е потребен на спортистите и со тоа тренинзите ги продолжив во родната М.Каменица. Кога сме кај тренинзите често може да ме сретенете како возам велосипед, што исто така е важен дел од вежбите, објаснува Стаменковски.

Минатата 2019 година беше доста плодна за каменичкиот спортист. Зад себе има 15 натпреварувања, учество на 5 европски и 5 светски натпревари, два Светски куп натпревари и околу 50 турнири.

-Освоив медали од бодибилдинг до стрит воркоут и пауерлифт бенч прес. Како најголем успех минатата година ќе го издвојам настапот на Европско во Чадка, Словачка, 1 место и европски рекорд во категорија до 75 кг. со подигнати 137.5 кг. Од останатите учества на натпреварувања и освоени награди ќе ги набројам Светското првенство во, Атланта (САД) на кое со подигнати 140 килограми го освоив златниот медал. На тоа натпреварување воедно постигнав светски рекорд во категоријата до 75 килограми и бев прогласен за најдобар лифтер. Во Одеса, Украина имам учествувано два пати, освоив две први места во „бенч“ од кои едно е повторување со сопствена килажа 73 кг, со 62 повторувања и прогласен за најдобар лифтер. Исто така учествував на Балканско во Бјелина, каде освоив 1. место во категорија до 75 кг. Од останати турнири учествував на „Кроатија Опен“, Задар 1 место , „Црна Гора Опен“ 1 место, „Србија Опен“ Лесковац 1 место, „Сврљиг Опен“ 1 место, „Трофеј Београд“, 1 место и „Војводина Опен“ 1 место, сите во категоријата до 74 килограми. Тука се и учествата на Стрит Воркоут, Валјево (Србија) 2 место, Пула, склекови 1 место  – чучњеви со 60 кг., трето место.Светски куп, стрит воркоут, Нови Сад 1 место. Склекови со панцир од 20 кг. и трето место чучњеви со сопствени килажа и 75 кг. повторувања. Следуваа настапи во Москва на 15 декември 2019 со освоени 3 златни медали. На 5 јануари во Ваљево во Street work out освои 2 златни и 2 бронзени медали. Значи 2019 имам освоено 30 медали додека на почетокот во 2020 веќе имам 4 медали. Тука ќе ги спомнам и медалите од 2016 до 67,5 килограми, и Чешка 2017 исто така до 67,5 килограми, раскажува за своите успеси Стаменковски.

Меѓу останатото е и носител на Светскиот рекорд во правење склекови. За 1 минута има направено 77 склекови со заклучување. Рекордот е постигнат во декември 2018. Исто така има направено и 139 склекови за 1 минута со пумпање. Со направени 2525 склекови за еден час е носител на неофицијален светски рекорд. Сите овие успеси, како што самиот додава му даваат за право да очекува добри резултати и во 2020 година, година во која веќе има обезбедено право за настап турнир во Охајо, Сад.

-За 2020 година се имам квалификувано за „Арнолд Класик“ во Охајо Коломбос (САД) во периодот од 5-8 март во бенч. Исто така ќе се подготвувам за сите турнири до Светско, исто и во „стрит воркоут“ каде што ќе гледам да ги подобрам сите резултати. Веќе имам услови за тренинг, како во сала, така и улично, каде што ја обезбедивме најдобрата улична справа за натпревари од светски ранг, додава Стаменковски.

Успехот како што вели за крај Стаменковски, не би бил успех без најблиските и спонзорите. Финансиска поддршка константно добива и од Рудник Саса, кој е најголем поддржувач воопшто на спортот и младите од рударското гратче, додека поддршка од Агенцијата з алади и спорт се уште очекува. Досега како што додава, нема поддршка од оваа институција. На младите им препорачува поактивно да се занимаваат со спорт, но да не бараат брзи резултати, бидејки како што додава најдобро е кога до успех ќе се дојде на вистински начин.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*