Пчеларењето пасија за каменичанецот Илчо Велков

Кога нештата се сакаат и се прават со љубов оддалеку се гледаат. Еден од оние кои се вистинските мераклии за она што го прават е и 37-годишниот Илчо Велков од Македонска Каменица. Тој веќе 5 години се занимава со одгледување пчели. Годинава стигна до 40 пчелни семејства кои локациски се наоѓаат во село Тодоровци и за него се вистинска пасија на која го посветува слободното време.

-Пчелите се сместени на прекрасна локација веднаш над Калиманско езеро над патот Делчево – Македонска Каменица. Имам околу 40 пчелни семејства и задоволен сум од изминатата година. Речиси се е продадено, бидејки медот е квалитетен и надалеку се бараше. Ако е добра годината количински може да се стигне и до еден тон, инаку просечно околу 700 килограми. Климата е идеална, медот е чист природен без никакви додатоци, така што побарувачката сама го покажува тоа, вели Велков.

Препорачува, секој кој знае малку за пчелите, да започне со пчеларење, бидејки бенефитот е огромен особено по здравјето.

-Не е се во парите, најважно е прво да се сака работата, да се сакаат пчелите, па потоа да се мисло и за некоја заработка. Мене ми е ,,ќеф” што велиме ние да ја работам оваа работа во слободно време, бидејко на оваа ширина над Калиманското езеро најпрво уживам и тоа е се што е важно. За здравствените придобивки и да не зборуваме, додава Велков.

Во Македонска Каменица во последните години се поголем е интересот од страна на младите пчелари за оваа гранка. Веќе извесен период имаат и свој сопствен Парк на пчеларите, а редовно се вложува и во надоградување на знаењата за пчеларството со посета на обуки и предавања, кои во неколку наврати од еминентни имиња беа реализирани и во Македонска Каменица.

Секоја година пчеларите организираат и Пчеларска вечер која годинава е закажана за 22 февруари 2020 година.

Во продолжение неколку фотографии од пчелните семејства на Илчо Велков.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*