Во Делчево одбележан Светскиот ден на мајчиниот јазик

ЈЛБ „Илинден“ и деветолетката „Ванчо Прке“ се вклучија во одбележувањето на 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Јазиците кои се зборуваат во една земја, пренесуваат култура, вредности и традиција и затоа играат огромна улога во создавање одржлив развој и иднина, истакна директорката на ЈЛБ „Илинден“ пред делчевските ученици.

– Денес македонскиот јазик представува целосно оформен,современ литературен јазик.Но сепак тоа не значи дека тука треба да застанеме. Напротив, јазикот е непресушен извор, кој треба постојано да се следи, да се негува, да се надоградува и пред се да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на мајчин јазик, рече Петровска.

Како што истакна Маријана Стоименовска, заменик директор во деветолетката со ваквиот начин на одбележување на значајниот датум, целта е да се мотивираат љубителите на пишаниот збор и понатаму да творат на мајчин јазик.

– Во чест на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, нашето училиште направи настан од културно значење, со цел овој значаен ден за мајчиниот јазик да го одбележиме со рецитал. Настанот се реализира во соработка со ЈЛБ „Илинден“, од Делчево кои секогаш ни даваат целосна подршка и ги наградуваат нашите љубители на пишаниот збор, а воедно и нивни читатели. Настанот во заедничка организација се одржа во свечената сала на нашето училиште, каде што беа наградени најдобрите љубители на пишаниот збор, како поттик и силна мотивација за да го негуваат мајчиниот јазик, рече Стоименовска.

Благодарение на мајчиниот јазик, како што дополни Стоименовска создадените творби се пренесуваат од колено на колено. Тој претставува нашиот идентитет.

-Темелите на нашата писменост ги поставиле Кирил и Методиј. А ние денес сме среќни затоа што имаме свое писмо со кое можеме да ги опишеме убавините и благодетите на нашето поднебје. Секој човек треба да се запознае со историјата на својот јазик и неговото значење за да твори на него. Бидејќи нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Македонскиот јазик денес е целосно оформен, литературен јазик. Но, тоа не значи дека треба да прекинеме да пишуваме и да твориме, напротив, јазикот е непресушен извор, кој треба да се негува. Сите ние треба да ги продолжиме делата на оние кои не заветиле и во аманет ни го оставиле мајчиниот јазик за да го чуваме, додаде Стоименовска.

Светскиот ден на мајчиниот јазик, УНЕСКО го прогласи во 1999 на 30-тата сесија на Генералната конференција, а наредната година беше промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века драматично се намалил бројот на јазици. Околу 200 земји се пред предизвикот да ги зачуваат „малите” јазици и тие да се употребуваат заедно со светските јазици, дополни Петровска во својот говор пред присутните ученици.

Во Делчево одбележан Светскиот ден на мајчиниот јазик

Во Делчево одбележан Светскиот ден на мајчиниот јазик

Posted by delcevo365.mk on Friday, 21 February 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*