Со настап на Импров групата „Настап“ синоќа во Македонска Каменица за прв пат се реализираше перформанс во чии рамки љубителите на театарот имаа можност да видат шоу базирано на театарска импровизација. Дел од членовите на Импров групата, Мартин Манев и Сергеј Димов за прв пат настапија во М.Каменица и се задоволни од приемот на публиката.
– Импров настапот всушност се состои од игри кои се користат за време на театарска претстава и кои се адпаптирани за да може да склопиме едно доста комплексно шоу, без сценарио со многу забава и во прекрасна атмосфера. За вакви настани треба посебен простор за да може публиката да учествува во интеракцијата, Всушност тие ги креираат сцените, а ние ги играме. За среќа вечерва имавме многу добра публика и атмосфера во киносалата во М.Каменица, со што настапот беше успешен, истакнаа членовите на Импров групата „Настап“.

Овој состав во март одбележува три години од своето постоење. Моментално во Скопје играат во МКЦ, а претходно свој настап имале во бифето на факултетот на Драмски уметности.
Оваа претстава е само дел од богатата културна понуда која во изминатиот период се реализираше во организација на Културно-информативниот центар „Романса“. Директорот Горан Огнановски истакна дека во наредниот период ке следат уште активности за публиката од сите генерации во М.Каменица.
-Очекуваме театарска претстава за деца, ликовна изложба како и два филма за кино проекција, синхронизирани на македонски наменети за најмалите. Воедно подготвуваме активности и за 8 Март – Меѓународниот ден на жената, вели Огнановски.

Синоќешниот настап на Импров групата „Настап“ беше поддржан од општина Македонска Каменица согласно програмата за работа на Културно-информативниот центар „Романса“.
Leave a Reply