Се подготвува 5-тото „Ретро кар шоу“ во Делчево

Здружението „King’s of the roads“ ја подготвува петтата изложба на олдтајмери или популарно нареченото „Ретро кар шоу“, кое на 11 април 2020 година ќе се одржи во Делчево. Кога ќе се споменат олдтајмерите, прво што ќе му падне на памет на секој делчевец е Лоренцо Трајановски, претседател на здружението кој е пасиониоран вљубеник во ретро-автомобилите. Приликата ја искористиме разговорот со Лоренцо да го започнеме возејки се во еден од редок модел на автомобили, автомобил Фолксваген К-70, модел кој во Македонија, како што ни раскажа Трајановски го поседуваат само четворица пасионирани вљубеници во олдтајмерите.

-Се возиме во една многу ретка кола, која не се гледа често на овие простори, бидејки е редок модел на олдтајмери. Моделот е произведен 1974 година и за нејзини години мислам дека е перфектно одржана, за неа не сум имал многу проблеми околу одржувањето, затоа што немало потреба за тоа. Кога сме кај овие автомобили да споменеме дека најстарите автомобили во Делчево датираат од 1966 година, тоа се Форд Таунус на делчевецот Емил Илиевски и Москвичот на Васко Ристовски. Бројот на мои возила, конкретно секоја година се зголемува за три четири плус, моментално имам околу 17 стари автомобили и идејата ми е да ги направам околу дваесетина. Со тоа сакам да направам еден ретро музеј на стари автомобили, како оној на колегата Дионис Пашлаков од Неготино. За нашиот град ќе значи едно убаво место, кое туристите и граѓаните од регионот ќе можат да го посетат. Тоа се сите планови што мислам дека со тек на времето ќе ги остварам. На почеток 20 возила мислам дека ќе бидат доволни да почне да работи музејот успешно, вели Трајановски.

Трајановски на кратко не запозна со реставрациите на олдтајмерите кои ги поседува.

-Еден од тие автомобили е Фолксваген Буба, за неа одвоив околу 60 илјади денари за нејзина реставрација, но вредеше, бидејки може да погледнете на фотографиите има прекрасен изглед и е многу ретка и таа кола. Автомобилот датира од 1967 година и за нејзини 53 години е навистина нешто прекрасно. Со таа реставрација и го продолживме векот за најмалку уште 20 години. Сега сум во план да реставрирам еден Трабант, многу граѓани не виделе таква кола, впрочем и другите автомобили се ретки модели. Граѓаните слободно можат да дојдат да ги видат, па ако изразат желба можат и да се повозат, додава Трајановски.

Како резултат на пасионираноста кон олдтајмерите пред да ја организира првата изложба на стари автомобили, Трајановски го формираше здружението „King’s of the roads“, кое како што додава полека но сигурно, собира искуства и од година од година не само што организира, туку и учествува на голем број вакви манифестации на Балканот и низ Европа.

-Првиот пат почнавме со Емил Илиевски и три четворица наши сограѓани, на почетокот стравувавме дека можеби нема да бидеме успешни, но меракот наш беше од одамна, ние пробавме и одлучивме да направиме една олдтајмер изложба, дојдоа 38 автомобили и тоа за нас беше уште поголем елан за да прерасне во Републичка изложба. Првата беше локална, втората републичка и веќе третата, четвртата и сега петата ваква изложба се балкански собири на олјдтајмери. Едноставно тоа стана традиција во Делчево, бидејки се договараме со колеги од Бугарија, Србија, Грција и другите земји. Во таа насока сакам да споделам уште една новина за здружението. Како дел од соработката со здруженијата од Бугарија ние од оваа година и официјално влеговме во нивниот календар на настани, така што ако до лани имавме учесници од поблиските делови на Бугарија, сега сметаме дека гости ќе ни бидат и од подалечните краишта. Досега учеството за настанот во Делчево го потврдија околу 80-тина возила. Ќе има сигурно колеги од Грција, Бугарија и Србија, а како дел од преговорите можен е настап и на колеги од Косово, вели Трајановски.

Го прашавме Лоренцо кои се впечатоците на учесниците за овој настан, а тој ни одговори дека коментарите се позитивни.

– Нашата цел е што повеќе луѓе да дојдат и да дознаат за овој настан. Пред две години имавме специјална телевизиска екипа од соседна Бугарија која направи емисија за настанот и судејки според коментарите на YouTube мрежата каде може да се погледне емисијата, коментарите беа позитивни. Како што тогаш кажа водителот и луѓето беа импресионирани, бидејки ги радуваше фактот што автомобилите се оригинални не се дотерувани и шминкани и колата каква е во гаражата таква е и на изложбата. Така што рекоа дека оригиналниот изглед секогаш е најскап и најубав, додава Трајановски.

Архива: Разговор со bri4ka.com

Освен настанот во Делчево, годинава здружението „King’s of the roads“ има покана за учество на Балкан Бус Митинг во Ниш, Србија. Се работи за настан на кој учествуваат сопственици на комбиња Фолксваген Т-3, нешто кое од минатата година стана дополнителна пасија на Трајановски и уште неколку членови на здружението.

-Планираме за прв пат како претставници од Македонија да учествуваме на 10-от Балкан бус митинг. Учеството на настанот ќе го искористиме да предложиме на нашите пријатели доколку за следната година не е закажано местото и терминот за одржување, тоа да биде во Делчево. Ние таму ќе учествуваме три-четворица членови на здружението, еден од нив е и сопственикот на сервисот кој ни го отстапува за решавање на било какви проблеми со возилата. Таквите возила се прекрасни затоа што можат да се претворат во вистински кампер. Имаме некои нејаснотии затоа што внатре во возилата треба да се инсталира, струја, да се стави вода за што се консултираме со колеги од Грција, Србија и Бугарија. По западните земји тоа многу се цени, на тие комбиња внатрешно им се сече капакот, а потоа се става специјален капак, со што просторот станува поголем и служи за спиење на повеќе луѓе. Долу имаат опремени спална за двајца, покрај неа има кујна и фрижидер, маса за јадење, така што во план сме да го преадаптираме комбето кое го гледате на фотографиите во таков кампер, со што почесто ќе можеме да учествуваме на такви бус митинзи, додава Трајановски.

Во своето завршно обраќање Трајановски ги покани сите вљубеници на ваквите настани да земат учество и да присуствуваат на 5-тото Ретро кар шоу, кое на 11 април 2020 ќе се одржи во Делчево.

-Настанот значи е на 11 април 2020 година и апелирам до сите наши колеги слободн ода дојдат да се пријават кај нас, ќе имаме скромни награди за сите учесници, ќе бидат поделени категориите за учесниците, пехари за најдобрите и ветувам дека ќе има што да се види на собирот, додава за крај пасионираниот вљубеник во олјдтајмерите Лоренцо Трајановски.

Настанот и годинава е планирано да се реализира со поддршка од општина Делчево како и други општествено одговорни фирми кои ќе ја спонзорираат 5-тата изложба на олдтајмери во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*