Делчево, Берово, Пехчево и М.Каменица добија над 2,5 милиони евра за подобрување на патната инфраструктура

Четирите општини од крајниот исток добија средства во висина од близу три милиони евра за реконструкција на патишта и улици во градовите и селските средини. Како што информираа од Општина Делчево согласно Меморандумот за разбирање кој Владата го потпиша со 80 ппштини за реализација на Проектот за поврзување локални патишта, Делчево добива неповратни 790.000 евра за изградба и рeконструкција на локални патишта и улици. -Во рамките на овој проект, Општина Делчево во првата фаза аплицираше за реализација на потпроектите: реконструкција на улицата „Орце Николов“ во должина од 500 м со изградба на тротоари, реконструкција на улицата „Скопска“ во должина од 250 метри со изградба на тротоари, реконструкција на дел од улицата „Острец“ во должина од околу 100 метри со изградба на потпорен ѕид и тротоари, како и изградба на стариот локален пат Делчево-Тработивиште, во должина од 5,3 километри, заедно со инсталирање систем за одводнување со отворен канал и пропусти, информираа од општина Делчево.

Општина Македонска Каменица преку проширувањето на соработката и партнерството со Владата, добива износ од 630 илјади евра.

-Овие средства ќе бидат наменети за изградба на нови 4 километри безбедни и отпорни на климатски услови локални патишта во приградските и руралните средини. Проектот покрај општествената одговорност има за цел подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот, изјавија од општината.
Проектите се предвидени за тендерирање од страна на Министерството за транспорт и врски во текот на 2020 година. 

Со поддршка од државата во висина од 1,3 милиони евра ќе се реконструираат локални патишта и улици и во Малешевијата. Согласно потпишаниот Меморандум за соработка со општините, општина Берово доби средства во висина од 730 илјади евра, кои како што информираа надлежните, ќе бидат наменети за изградба и реконструкција на улици во должина од 3,5 километри.

-Општина Берово аплицира со три проекти и тоа реконструкција на улици во должина од 3,5 километри, во село Двориште, II фаза од реконструкција на улицата „Борис Кидрич” и реконструкција на улица на Беровско Езеро. Очекуваме, во првата фаза да биде одобрен проектот за улици во село Двориште и наскоро да се пристапи кон негова реализација. Голема благодарност до Владата, што ни овозможува реализавија на вакви проекти кои се од големо значење за подобрување на животот на граѓаните, истакнаа од општина Берово.

Преку проектот за поврзување локални патишта, Општина Пехчево добива 600 илјади евра или околу 37 милиони денари. Ова како што информираат надлежните од оваа малешевска општина, е прв пат во историјата на градот, Владата да алоцира средства за подобрување на патна инфраструктура во Пехчево.

Средствата како што дополнија ќе бидат искористени за реконструкција на улиците во централното градско подрачје.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*