Агрономите децидни, снегот во пролет нема да им наштети на овошните насади

Пијанечкиот регион од синоќа е под слаба снежна покривка. Најмногу снег наврна на повисоките места, додека снегот кој се уште паѓа со слаб интензитет, помалку го има во градовите.

За овоштарите снегот е добредојден и нема опасност за измрзнување на овошките потенцираат агрономите.

Неџбедин Мемедов, раководител на Агенцијата за поддршка и развој во земјоделството – Подрачна единица Делчево, вели дека овој снег поволно ќе се одрази врз развојот на овошните насади.

-Засега нема потреба од страв кај овоштарите, бидејки моменталните температури не се пониски од -4° или -5° степени целзиусови, што значи дека снегот нема да им направи проблем на овошките, вели Мемедов.

Имајки предвид дека е пролет, Мемедов препорачува овоштарите да не ја влошуваат ситуацијата со предвремено ,,потерување” на овошките.

-Значи оние овошки кои досега не ја развиле вегетацијата, овоштарите не треба силум да ги ,,потеруваат”, бидејки во тој случај би направиле повеќе штета отколку корист. Овие температури ќе бидат краткотрајни и не се очекува да се задржат, па затоа и нема потреба од тоа, додава Мемедов.

Единствената штета во моментот е можна доколку дојде до ,,осланување” на младите насади поради минусни температури, но агрономот додава дека не се очекуваат поголеми штети како што беше случај пред повеќе од 5 години, кога во Пијанечкиот регион поради измрзнување голем број овошки останаа без род.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*