Успешно реализирана акцијата „Донирај мед за имунитет“

Вкупно 65 килограми мед собраа пчеларите и хуманите граѓани од Берово кои учествуваа во акцијата „Донирај мед за имунитет“ организирана од пчеларот Гоце Дочински, кој информираше дека медот ќе биде наменет за лицата со слаб имунутет и социјално-загрозени семејства од Берово.

-Слободно можам да кажам дека иако сме мал регион, сите пчелари од Малешевијата се вклучија во акцијата и донираа 65 тегли мед. Благодарност до сите пчелари кои учествуваа во акцијата како и до оние граѓани кои со свои пари купија мед и дадоа свој допринос за реализацијата на целата идеја, истакна Дочински.

Медот и пчелните производи се големи зајакнувачи на имунитетот, што според Дочински беше причината да се реализира оваа акција.

-Сите знаеме за имуностимулирачките карактеристики на медот и пчелните производи. И самите лекари во неколку наврати потврдија дека подигањето на имунитетот е мошне важна карактеристика во насока на заштита од коронавирусот, па токму од таа цел е иницирана оваа активност, додаде Дочински.

Собраниот мед е доставен до екипи на општина Берово, кои според планираното ќе го дистрибуираат до социјално загрозените семејства и лицата со слаб имунитет. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*