Во посета на крводарителскиот пункт во Делчево

Денес го посетивме крводарителскиот пункт во Делчево. Крводарителската акција се одвиваше со посебни мерки за безбедност поради заразата до КОВИД-19. На самиот влез во просториите на Општинската организација на Црвен крст Делчево која беше организатор на акцијата го пополнивме евидентниот лист за крводарители и тоа прилично брзо, бидејки поради ситуацијата денес помал број крводарители се одлучија да даруваат крв. 

Во првата просторија во која влеговме веднаш добивме заштитна маска, а потоа следуваше рутинска проверка на нашите податоци и откако се беше во ред со крводарителскиот картон се упативме за вообичаениот преглед пред дарувањето крв. 

Внатре се наоѓаа двајца доктори кои најрпвин го извршија боцкањето во прст за состојбата на крвта на дарителот. Потврдното климање со глава на докторот значеше дека поминуваме на следниот чекор, мерење на притисок во крвта. Притисок 130 со 90 значеше дека се е во ред и може да започне дарувањето крв.

Додека докторот го подготвуваше теренот за дарување крв поразговаравме со доктор Виолета Ѓорѓевска, трансфузиолог од Делчево која информираше дека акцијата ја изведува Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, Службата за трансфузиона медицина од Делчево и Општинската организација на Црвен крст.

 -Ова е редовна крводарителска акција за месец април, меѓутоа ја изведуваме во редовни услови, во време кога Светската здравствена организација прогласи пандемија од КОВИД-19. Обезбедени се сите мерки на претпазливост на сите крводарители. Во услови на пандемија сакам да нагласам дека нема никаква опасност ниту за крводарителите, ниту за пациентите на кои им е потребна. Знаеме дека крвта е скапоцен лек и единствен извор за неа е човекот, а потребите за трансфузија се големи. Институтот се грижи секојпат во континуитет да обезбеди доволни количини на сигурна и безбедна крв. Нашето мото е дека крвта треба да го чека пациентот, а не пациентот да ја чека крвта. Уште еднаш да повторам дека короната е респираторен вирус, кој не се пренесува преку трансфузија, безбеден е и крводарителот и примателот. Ја користам приликата да ги поканам сите крводарители да учествуваат на крводарителските акции и да ја покажат својата хуманост. Денеска тие тоа го направија во Делчево нека го направат и низ другите градови во Македонија. Тие се зан нас најголемите херои, рече Ѓорѓевска.

По изјавата на доктор Ѓорѓевска се упативме на пунктот за дарување. Постапката беше брза и веднаш почна дарувањето крв. По ракавиците и маската на лицето се уверивме дека се почитуваат мерките за безбедност од страна на сите инволвирани во денешната акција. Чувството да се дарува крв само по себе е неописиво бидејки треба да се доживее. Се чувствува еден вид олеснување кое трае до следниот момент кога се дарува крв.

Веднаш до нашиот кревет се наоѓаше професорот по физичко Влатко Димитровски кој би рекле дека е еден од ветераните за дарување крв. Поради маските не можевме повеќе да дознаеме за неговите почетоци но од нашите претходни изјави знаеме дека Димитровски одамна ја надминал бројката од двоцифрено дарување крв. Постапката заврши брзо, а со тоа и нашата денешна посета на пунктот за крводарување во Делчево.

По завршувањето на дарувањето крв секој донатор добива крводарителско пакетче со одредени производи кои мора да се консумираат за обнова на крвта. Препораката на лекарите по дарувањето крв е да се мирува два најмалку два часа, да се консумираат повеќе течности и да не се врши тешка работа во текот на наредните два дена.

Ги напуштивме просториите на Црвен крст Делчево задоволни од помислата дека нашата крв некому ќе му помогне.

Успешно реализирана крводарителска акција под посебни услови за безбедност во Делчево

Успешно реализирана крводарителска акција под посебни услови за безбедност во Делчево

Posted by delcevo365.mk on Thursday, 2 April 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*