Започнува сезоната на „смрчак“

Иако сезоната на смрчакот е во месец мај, оваа печурка веќе е забележана на повеќе места и во Пијанечкиот регион. Расте во иглолисни планински шуми и на чистинките околу нив. Во многу голем број се јавуваат на опожарени места. Смрчакот е извонредно вкусна и многу ценета печурка. За „смрчакот“ познавачите на печурки велат дека расте во опожарени подрачја. Ова е потврдено од повеќе истражувања во САД кои утврдиле дека смрчакот расте и по осумпати повеќе во опожарени области, отколку во места каде што немало пожар.

ШТО Е СМРЧАК

Накратко, тоа е една од највкусните и најбараните печурки на пазарот. Се користи и во јадења со месо, и во вегетаријански оброци, се полни, се става во супа и се подготвува на многу начини. Вообичаено е многу ретка и се појавува само неколку недели напролет, во зимзелените шуми.

Македонските компании што откупуваат шумски плодови објавуваат дека таа расте само во краток период, и тоа во месецот мај, дека е богата со протеини, масти, растителни влакна и јаглехидрати и дека има и лековити дејства. Се продава како свеж, сув или како замрзнат производ. Се појавува во стари шуми и во области каде што имало пожари.

ЗОШТО РАСТЕ ПО ПОЖАР

Ова сé уште е мистерија, а до неодамна и самото тврдење дека смрчакот го има во изобилство по пожарите имаше повеќе статус на народно знаење отколку на научен податок. Но неодамна беше објавена студија од тим научници од повеќе универзитети во САД (Монтана, Вашингтон, Јута) со кои се потврдило дека кога некоја шума е опожарена, следната пролет таму има многу повеќе печурки од овој вид отколку ако немало пожар.

Истражувањата биле извршени во националниот парк Јосемити во Калифорнија, еден од најпопуларните во САД, а една од целите им била за да се утврдат ограничувањата за рекреативно собирање на оваа печурка. Научниците заклучиле дека управата на паркот може да ја зголеми дневната квота за собирачите што го берат смрчакот за свои потреби дури за осумпати во годините откако ќе се случат пожари. Како што се нагласува, иако тогаш ја има во изобилство, повторно расте само краток период и може да се собира во поголеми количества без воопшто да има штета за екосистемот.

Меѓу претпоставките зошто опожарените места му одговараат на смрчакот се променетиот хемиски состав на почвата, помалата конкуренција од друга вегетација за хранливите состојки, отстранувањето на пречките што физички го блокираат неговиот раст итн.

ШТО ПРАВАТ НАДЛЕЖНИТЕ

Собирањето печурки е една од трите најчести причини за предизвикување пожари што секоја година ги истакнуваат пожарникарите во нивните апели за да се заштитат шумите. Другите две се потпалувањето поради огревно дрво и палењето стрништа од земјоделците. Тие нагласуваат дека кога температурите се високи како во овој период, огнот многу лесно излегува од контрола.

СМРЧАКОТ БОГАТ СО ПРОТЕИНИ

Смрчакот е богат со протеини, масти, растителни влакна, јаглено-хидрати. Оваа печурка исто така има лековити својства вклучувајки анти-тумор ефект, имуно регулаторни својства и анти-вирусни ефекти.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*