Атлетиката начин на живот на најмладиот пензиониран полициски службеник во Пијанец

Петрунка Ѓорѓиевска од Македонска Каменица во пензионерските кругови е позната како најмладата пензионерка во Пијанец и поширокиот регион. Она што ја издвојува од другите е љубовта кон атлетиката за која желбата и датира од мали нозе. Првите успеси ги бележи за време на својот работен стаж кога како претставник на Министерството за внатрешни работи во Делчево се натпреварува на полициски игри во Охрид каде освојува и медал.

-Со атлетика се занимавам уште од мала учествувајки на сите тогашни училишни натпревари. Како минуваа годините така се поизразена ми беше желбата за атлетика и воопшто за спорт, па така ја користев секоја прилика да уечствува, онаму каде има натпревар. Работниот век го поминав како вработена во Министерството за внатрешни работи во Делчево каде по 30 години работа со бенефициран стаж заминав во пензија. Меѓу пензионерите во М.Каменица сум позната како најмлад пензионер што секако е предност во однос на учеството на спортските натпревари кои се организираат од страна на Здружението на пензионери на Македонија. Мојата специјалност е атлетиката која како што кажав од мали нозе ме влече и токму во овој спорт ги имам постигнато најголемите успеси, вели Ѓорѓиевска.

Во однос на успесите и освоените медали Ѓорѓиевска последниот успех го оствари кон крајот на минатата година кога освоила бронзен медал на Државниот натпревар во Радовиш.

-Секоја година значи сум дел од Државните пензионерски натпревари каде редовно обезбедувам квалификации преку учеството на Регионалните натпревари за општините Делчево, М.Каменица Берово, Пехчево, Кочани, Пехчево и Виница. Минатата година бев трето место на првенството во Радовиш. На овие спортски натпревари учествуваа над 500 учесници во машка конкуренција од вкупно 47 пензионерски здруженија, што самото по себе кажува дека имам причина да бидам задоволна од постигнатиот успех, додава Ѓорѓиевска.

Деновите како пензионер ги поминува спокојно, а секој натпревар со нетрпение го очекува.

-Значи после 30 години работен век доаѓа време кога човек се опушта. На почетокот јас бев соочена со предизвикот како да бидат активна и понатаму, имајки предвид дека во нашата професија порано се оди во пензија. Спортот во тој поглед дојде како „мелем на рана“, па така можам да упатам апел до секој еден пензионер но и млад човек да се занимава со спорт воопшто бидејки само тогаш додека спортувате ќе ви дојдат многу идеи за многу други работи кои може да ги правите, за да го зачувате младешкиот дух, дополни Ѓорѓиевска.

Кога изостануваат спортските активности пензионираната полициска службеничка се активира и во музичките активности во рамки на работата на каменичкото здружение на пезнионери.

-Учествувам во фолклорните изведби и скоро секаде сум настапувала на Регионалните пензионерски музички смотри. Учеството на тие настани ми доаѓа како еден вид надополнување во отсуство на спорт кога нема атлетски натпревари, додава Ѓорѓиевска.

Петрунка или Пепи како што ја знаат повеќето, карантинот го поминува во домашни услови.

-Дисциплината е наследена од мојата поранешна работа и во тој поглед ги спроведувам препораките на надлежните строго и професионално што би рекла. Апелирам до сите додека трае оваа ситуација да се чуваат сите и да ги следат препораките на одговорните лица, вели најмладиот пензионер во Пијанец.

По завршувањето на кризата со КОВИД-19, плановите на Петрунка се да продолжи да се натпреварува во својот омилен спорт. Следните нејзини настапи доколку се укинат забраните за јавни настани се веќе кон средината на мај, а доколку животот се врати во нормала Ѓорѓиевска со сигурност најавува свое учество на сето она што претстои во делот на спорт како претставник на Здружението на пензионери од М.Каменица.

Изјава на Петрунка за време на нејзиното учество на Регионалните пензионерски игри во 2017 во Делчево

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*