Директорот Прачкоски со честитка по повод патрониот празник на гимназијата „М.М.Брицо“

Средното општинско училиште Методи Митевски Брицо го одбележува својот патрон празник. По тој повод директорот на училиштето Љупчо Прачкоски на учениците и наставниот кадар им ја честита 59-годишнината од постоењето на училиштето упатувајки им порака за многу успех во понатамошното образование и успешно продолжување на учебната година која поради состојбата со вирусот КОВИД-19 се одвива во домашни услови.

-По повод 59 години од патрониот празник на гимназијата „Методи Митевски Брицо“ јас како директор и во име на раководниот кадар на гимназијата им го честитам празникот на сите ученици и професори и им посакувам многу успеси во понатамошната работа. Во време кога наставниот процес мирува поради добро познатата ситуација им порачуваме да продолжат со он-лајн работата која одлично се одвива. Им благодарам на моите професори на нашите ученици во исто време на целиот град за сето она што допринесе во овие 59 години оваа гимназија да го афирмира градот Делчево и голем број на млади кадри да излезат да не претставуват не само во градот туку и во државата како и целиот свет, рече Прачкоски.

По повод следниот 60 – годишен јубилеј на иницијатива на директорот Прачкоски, во тек е подготовка на документарен филм во кој ќе биде опфатен историјатот на гимназијата со интервјуа на успешни граѓани кои произлегле од оваа установа како и професори кои својот работен век го поминале во делчевската гимназија.

Во продолжение се потсетуваме на неколку активности реализирани во училиштето во текот на минатите години, а по повод патрониот празник на гимназијата.

Во продолжение нешто повеќе за самиот патрон ви пренесуваме од текстот подготвен од самите ученици:

15 Април, патронен празник на училиштето – празник на младоста, трудот и успехот, празник на генерациите и поединците кои учеле, учат и ќе учат во „Методи Митевски – Брицо “.

Празничното чувство кај вработените и учениците при СОУ „Методи Митевски – Брицо “ – Делчево по повод 96 години од раѓањето на големиот револуционер чие име со гордост веќе 59 години го носи нашето училиште, денес изостана.

Бројните генерации ученици, нивните родители и професорите се гордееле, се гордеат и ќе се гордеат со името, и со полно право и голем пиетет го негуваат и се потсетуваат на делото на својот патрон.

Со чувство на најдлабока почит, да се потсетиме на делото на нашиот патрон и тоа да не мотивира и води сите да работиме добро во ова време кога е најважно да учиме за животот, да ја разбереме неговата вредност и неговата важност.

Методи Митевски – Брицо е роден на 15 април 1924 година во Царево Село (денешно Делчево), од татко Зафир и мајка Зуица. Босоногото детство го поминал со својата сестра Фруска и братот Ѓорѓи во безгрижни игри со децата по маалските сокаци околу Црквата и Касарната и покрај Брегалница. Основно четиригодишно училиште завршил во родното село, прогимназија и гимназија до седми клас во Штип, а осмиот клас и матурата во Горна Џумаја (денешен Благоевград). Вонредно студирал на Правниот факултет во Скопје и е еден од првите дипломирани правници од Пијанечко-малешевскиот крај.

Според зборовите на Методи Гогов – дедо Михаил, (блажено упокоениот архиепископ на МПЦ ), кој му бил професор на Брицо во штипската гимназија, тој бил одличен ученик, трудољубив и дружељубив, членувал во спортската и во драмската секција, пеел во хорот и целата литургија ја знаел напамет. Во Штип, град со богата револуционерна и културно – духовна традиција, Брицо се дружел со Славчо Стојменски, Ванчо Прке, Фирус Назим, Трајко Донев, Ацо Шопов и други напредни младинци, класно и национално осознаени, и заедно со нив се приклучува на напредното младинско движење и СКОЈ.

По окупацијата заминува во Горна Џумаја по налог на Вера Ацева и Окружниот комитет на КПЈ, со задача да воспостави врски со тамошното движење на отпорот против фашизмот и со партиските организации и партизанските одреди од Пиринска Македонија. Тука, исполнувајќи ја партиската задача ја запознава Мара Междуречка, а преку неа и, големиот скулптор Крум Дерменџиев (автор на спомениците на Гоце Делчев во Благоевград и на Јане Сандански во Мелник) и бил чест гостин во нивниот дом, недалеку од Гимназијата „Св.Кирил и Методиј„ во која учеле и двајца помлади браќа на уметникот (загинати во борбите со фашистите кај селото Звегор). Од нивната мајка Петра, Брицо љубопитно ги слушал легендите за подвизите на македонските ајдути и комити по Пирин, на солунските атентатори и на славниот војвода Јане Сандански. Тогаш се заветил ако некогаш се ожени и има син дека ќе го крсти Јане, во спомен, слава и чест на легендарниот пирински цар. Заветот по неколку години го исполнил и на својот син – првата рожба со жена му Вера и го даваат името Јане. Тој (неколку години по смртта на Брицо) извесно време беше ученик во гимназијата во Делчево, именувана по татко му.

По завршувањето на Гимназијата, Методи Митевски е регрутиран во бугарската армија и рокот го служи во родот пешадија при авијацијата во Горна Ореховица. Продолжува со илегална антифашистичка дејност и паѓа во затвор, но поради недостиг на докази е ослободен. За време на краткото отсуство, дезертира и стапува во врска со партизаните. Преку Голак ќе се најде на Плачковица и подоцна во Бригадата во Митрашинци. Од главниот штаб на НОВ и ПОМ добива и со успех ја исполнува задачата да го придружува стариот гемиџија, виден деец на ВМРО, револуционерот Павел Шатев, кој држи митинзи во Крупник, Пехчево, Тработивиште, Град, Царево Село и низ други места ширум Македонија. Павел Шатев подоцна ќе стане министер за правда и близок соработник на Методија Андонов – Ченто, а Брицо ќе продолжи да одржува контакти со него и се обидува да му помогне кога паднал во немилост.

Во периодот по ослободувањето Брицо е на партиски и државни раководни функции во Делчево, Берово, Штип и Битола. Избраницата на своето срце – Вера со која се оженил ја запознал и засакал во Битола. Во бракот родиле три деца: синот Јане и ќерките Весна и Мила. Со својата трудољубивост, посветеност на обновата и изградбата на татковината, Брицо кај широките народни маси стекнува голема популарност, а меѓу републичките и сојузните раководители висок авторитет. Гради метеорска политичка кариера: биран е за пратеник во Народното собрание на Македонија и во Сојузната скупштина на ФНРЈ, бил министер за земјоделство, генерален секретар на владата, потпретседател на Извршниот комитет на ЦК и на Владата на НРМ. Бил близок соработник со Лазар Колишевски, а ги освојува и симпатиите на маршалот Јосип Броз – Тито.

Брицо бил избран за претседател на Комисијата за изработка на преднацртот на Уставот на НРМ. Во тоа својство кон крајот на летото со другите членови на Уставната комисија интензивно работи на највисокиот државен акт на Македонија во Титовата вила во Охрид. За жал таа задача ja оставил недовршена. На 17 септември 1962 година, трагично го загубил животот во водите на Охридското езеро, под неразјаснети околности.

Веднаш по неговата прерана смрт (имаше само 38 години) и официјалната верзија (се удави во несреќен случај во водите на Охридското езеро), се појавуваат шпекулации и сомненија, кои не се ниту потврдени, ниту демантирани до денешни дни.

Закопан е во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје, со највисоки државни почести, а меѓу првите од многубројните телеграми на сочувство до неговата сопруга се и од највисоките републички и сојузни партиски и државни раководители на Македонија – Лазар Колишевски и на Југославија – Јосип Броз Тито. Во знак на признание за неговите заслуги многу улици, плоштади, стопански организаци, спортски клубови и училишта во Македонија го носат неговото име.

За овој свет, еден и единствен, треба се да сториме, само тој го имаме.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*