БЕРОВО: Предпразнично обраќање на градоначалникот Звонко Пекевски

Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски излезе со предпразнично обраќање до своите сограѓани. Еве го обраќањето во целост:

……………………………..

Почитувани сограѓани,

Во деновите кои доаѓаат, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден и во пресрет на најдолгиот карантин, или период во кој ќе мора да останеме дома, Ве повикувам доследно да ги почитувате мерките за борба против вирусот КОВИД-19 и препораките што ги даваат нашите експерти, како и да се придржувате, кон сите мерки, донесени од Владата на РСМ и од Општинскиот кризен штаб.

Во оваа мое предпразнично обраќање, сакам најпрво да Ви го посакам, Велигден да го поминете во добро здравје, среќа и љубов на сите Вас, заедно со вашите најблиски, во кругот на вашите семејства.

Оваа година, се наоѓаме во сериозна и необична ситуација, а за да излеземе од неа како победници мора да бидеме дисциплинирани и одговорни и затоа Велигден да го поминеме дома, заедно со најблиските. Во сечии дом, нека владее семејна хармонија и да го прославиме најголемиот христијански празник, во кругот на семејството.

За првпат, оваа година, Велигден го пречекуваме во поинакви, вонредни услови. Сите обичаи верувам се завршени, јајцата и намирниците купени, домот исчистен. Оваа година можеби нема да можеме да ги направиме обичаите во црква, но мерките се такви и мора да ги почитуваме. Сепак, духот на самите обичаи, останува, бидејќи тие се вкоренети и издржливи. Сите семејни обреди можеме да ги направиме дома, во рамките на најтесното семејство.

Од МПЦ веќе порачаа дека, на големиот празник, би било убаво, верниците да запалат свеќа на балконите и на полноќ да го одбележат Христовото воскреснување.Тоа е убава можност, во општина Берово, за прв пат, Велигден да го одбележиме на овој начин, со прекрасна глетка и чувство на заедништво и покрај дистанцирањето и големата закана, по колективното здравје.

Затоа, верниците треба да останат дома, а сигурен сум дека веќе од следната година, славењето ќе се врати во верските храмови и Берово ќе блесне, како што блеска за сите празници.

Како Градоначалник на општина Берово и претседател на општинскиот кризен штаб, за борба против пандемијата со КОВИД-19, ве уверувам дека, локалната самоуправа и сите вклучени институции, посветено ги превземаат сите мерки, кои се потребни, за спречување на пренесување на вирусот на територија на општина Берово и навистина ме радува фактот што во општината, сеуште нема регистриран случај, заболен од корона вирусот.

Сите мерки, донесени од републичкиот кризен штаб, од Владата и локалните кризни штабови, се со цел на зачувување на јавното здравје. Обврската кој јавното здравје и спречување на можност за пренесување на вирусот, е еднаква за секој граѓанин и верувам дека сите до еден, ќе ја исполнат, на вистинскиот начин.

Во животот, на посебно место ги славиме хероите. Херојски денес, е да се придржуваме кон мерките и да останеме дома, бидејќи со тоа го чуваме јавното здравје и буквално спасуваме животи, нашиот, на тие што ги сакаме, на семејството, на блиските, на сите нас.

Сите информации, за сите важечки мерки, за сите дежурни институции, аптеки и продавници, ги имате на веб страната на општината и сите официјални профили на социјалните мрежи.

Уште еднаш, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, ви посакувам убаво да го поминете празникот, со апел и потенцирање дека мерките мора да се почитуваат.

Останете во Ваштите домови и зачувајте го Вашето и нашето здравје.
Поминете ги празниците во добро здравје и со позитивна мисла!
Звонко Пекевски

Градоначалник на Општина Берово

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*