Бугарска донација од заштитни маски и опрема за Општина Делчево

Општина Делчево денес доби 2500 заштитни маски, 100 парчиња скафандери и 100 пара заштитни наочари. Станува збор за донација од фондацијата „Бугарско сеќавање“ која е дистрибуирана до Општина Делчево во соработка со Амбасадата на РСМ во Софија, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст.

Изразувајки благодарност за несебичната поддршка и соработката на повеќе полиња до Фондацијата и нејзиниот претседател Милен Врабевски, градоначалникот Трајковски истакна дека во услови на пандемија и на криза се познава пријателот.

-За нас оваа донација е добредојдена и е чин на пријател кој се грижи и дава поддршка во најтешките денови кои ги живееме. Изразувам голема благодарност до д-р Врабевски и Фондацијата за несебичната поддршка на регионот и на Делчево и верувам дека со вистински пријатели и добра мисла можеме да излеземе победници во борбата со невидливиот непријател, истакна Трајковски.

Овој чин на Фондацијата, како што додаде, претставува продолжување на децениската поддршка на регионот во делот на академскиот развој, но и грижата за здравјето на граѓаните.
Донацијата според предвиденото ќе биде поделена на Здравствениот дом, полицијата, ТППЕ Делчево, а маски ќе се поделат и по урбаните и месните заедници. Освен Делчево ваква донација доби и Општина Струмица.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*