Захир Амитов – единствениот сонгогледџија во Делчево

Делчевското некогашно корзо го нема, но зелената количка со највкусниот сончоглед и понатаму е симбол на градот, занает кој опстојува повеќе од еден век.

Кога ја нема зелената количка во Делчево, градот како да изгледа празно, а кога е на своето старо место во центарот на градот, Делчево како повторно да го има корзото кое го паметат постарите генерации.

Од Захир Амитов кој повеќе 20 години е најпознатиот и единствениот сончогледџија во градот научивме нешто повеќе за овој занает чие семејство над 100 години егзистира од продажбата на сончоглед.

Наследувајки го занаетот од татко му Фикри, а тој од дедо му Усаин или како што сите го знаат Усо, раскажува дека во сите тие години количката со сончоглед секогаш ја има препознатливата зелена боја.

-Дедо ми Усо нема кој не го знае. Освен на сонгогледот и вкусните семки, сите се сеќаваат на шеќерните петлиња и шеќерни јаболка, шарени бонбони, леблебија и кикирики. Тој работеше некаде до некаде крајот на деведесетите години, поточно 1986-87 година. Секогаш присутен на добро познатото место остави голем белег во градот и е во сеќавање на сите постари генерации. Татко ми Усаин по 1986 година ја продолжи традицијата, а јас сум најмладиот кој реши да го продолжи она што го започнаа моите предци, вели Амитов.

Тајната за добриот глас кој го бие ова семејство, како што додава Захир е во начинот на подготовка на сончогледот и останатите производи.

-Сончогледот, семките и останатите зрнести производи меѓу кои кикирики, леблебија, бадеми и други производи ги подготвуваме во специјален казан и посебни печки. Тоа е рецепт кој од секогаш го користиме, така што нема простор за грешка. Најверојатно заради тоа и луѓето го купуваат. А според наша статистика може да кажеме буквално нема човек што не купил сонгоглед од зелената количка. Не постои таков во Делчево. Нашиот сонгоглед не само што го купуваат овдешните жители туку често е баран и во другите градови од Македонија и надвор од државата. Често полни вреќи печен сончоглед праќаме по карго или со комбиња се носи во Италија, Швајцарија, Германија. Квалитетот пред се е најважен и затоа е така, додава Амитов.

За Захир е мошне убаво чувството кога знае дека присуството на “зелената количка” на некој начин го одржува движењето низ градот.

-Ние практично со нашиот занает го одржуваме шеталиштето во Делчево, од паркот до Хотел Македонија и назад. Самите луѓе велат дека кога зелената количка не е на своето место и градот е празен. Има и на други места во продавници, во пилјари сончоглед, но квалитетот не е исто. Затоа тоа не прави горди и затоа секогаш сме тука да ги опслужуваме граѓаните, додека прават прошетка во нашето убаво гратче, додава делчевскиот сончогледџија.

Поради корона кризата семејството извесно време паузираше со работа, што за самите нив значи и загуба бидејки занаетот трпи, а е зависен од продажбата.

-Ова се тешки моменти за секој од нас. Нормално е дека сме зависни од продажба која поради коронавирусот повеќе од 1 месец паузираше. Ако и притоа се додадат зимните месеци испадна поголема пауза од вообичаеното, додава Захир.

Сепак на радост на сите од понеделник 4 мај, зелената количка повторно ќе биде на своето старо место.

-Еве ова нека биде како најава дека од понеделник почнуваме повторно со работа. Нормално условите се такви и ќе ги следиме препораките на надлежните и временски и здравствено, така што секоја препорака за заштита од вирусот ќе ја почитуваме. Очекуваме наскоро сето ова да заврши и повторно градот да биде во својот препознатлив сјај. Повелете сите на вкусен сонгоглед, пуканки, кикирики и сите добро познати производи од вашата зелена количка, дополни на крај од разговорот Захир.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*