1 Мај – Меѓународен ден на трудот

На што помислувате кога ќе се спомне Први мај? На протести и демонстрации? На првомајски излет? На неработни денови?

Потеклото на Први мај

Во древниот Рим, првиот ден од месецот мај се паѓал во време на празникот Флоралија, наречен така во чест на Флора, божицата на пролетта и цвеќето. Тоа било време на песни, танци и паради со многу цвеќе. Римските проститутки особено уживале во овој празник, зашто Флора ја сметале за своја заштитничка.
Кога Римјаните освојувале други земји, ги носеле и своите обичаи со себе. Меѓутоа, виделе дека првиот ден од мај во келтските земји веќе се славел како празник во чест на Белтан. Кај Келтите, денот започнувал вечерта пред први мај. Тогаш се гаселе сите огнови, а кога ќе изгреело сонцето, луѓето палеле логорски огнови на ридовите или под светите дрвја за да му изразат добредојде на летото и на периодот на обнова на животот. Стоката се изнесувала на пасиштата, а на боговите им биле упатувани молитви да ја заштитат. Наскоро Флоралија и Белтан се споиле и така почнал да се празнува Први мај.

Првомајски обичаи

Во средниот век, на овој најпопуларен празник во Англија, му биле придодадени нови обичаи. Мажите и жените ја поминувале ноќта собирајќи цвеќиња и расцветани гранки во околните шуми за да ‚му изразат добредојде на мај‘ в зори.* Според памфлетот The Anatomy of Abuses на пуританецот Филип Стабс, неморалот бил многу раширен. За празникот, учесниците во тие развратни забави поставувале сред село еден мајски кол, околу кој цел ден се танцувало и се играле разни игри. Стабс го нарекол овој кол „одвратен идол“. Луѓето си избирале мајска кралица и мајски крал кои биле главни на празнувањето. Мајските колови и мајските кралици биле вообичаени и во други делови од Европа.

Први мај станува Ден на трудот

Протестите и демонстрациите на Први мај почнале во Северна Америка. Зошто баш таму? Со индустриската револуција почнале да се користат нови машини што работеле нон-стоп, што довело до тоа сопствениците на фабриките да бараат од работниците да работат и по 16 часа секој ден освен во недела. Во обид да се подобри животот на работниците, сојузот на трговските и работничките синдикати на Соединетите Американски Држави и Канада барал од 1 мај 1886 година да се воведе осумчасовно работно време. Поголемиот број работодавци одбиле, па така на 1 мај илјадници работници излегле на штрајк.
Во немирите во Чикаго паднале првите жртви од редовите на работниците во Соединетите Држави, а работниците од Англија, Франција, Холандија, Италија, Русија и Шпанија им дале поддршка. Во 1889 година, на светскиот конгрес на социјалистичките партии одржан во Прага била донесена одлука на 1 мај 1890 година да се одржат меѓународни демонстрации за да се воведе осумчасовно работно време. Оттогаш, на овој датум секоја година работниците ги изнесувале своите барања за подобрување на работните услови.

Денес 1 Мај е Меѓународен ден на трудот — меѓународен празник кој е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Овој ден е секогаш наменет да се слави работата на секојдневниот човек, па ако сте се чувствувале малку потценети неодамна, тоа е ден за вас да го направите она што го чувствувате. Целиот месец е за да се посветите на самите себе си, да научите понатаму како да работите и да се подобрите во работата!

Секогаш бидете вредни и најважно од се, бидете упорни во тоа што го правите, но не дозволувајте да бидете секојдневно преокупирани со работа. Одвоете еден дел од денот само за вас и посветете се на вашите потреби. Потоа, следниот чекор кон правење какви било промени е тоа што ќе бидете свесни за ова прашање.
Заедно, сите ние градиме општество, кое го правиме подобро и побезбедно место со секоја измината година. Нели е тоа нешто што вреди да се слави? Токму месецот мај го славиме како месец на трудот и успехот.

На што помислувате кога ќе се спомне Први мај? На протести и демонстрации? На првомајски излет? На неработни…

Posted by СОУ "Методи Митевски – Брицо" – Делчево on Friday, 1 May 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*