Бретен – малиот град со најмногу Македонци (делчевци) во Германија

Денес ви ја раскажуваме приказната за Бретен, град во кој според кажувања на наши жители, живеат најголем број Македонци во регионот Баден-Виртенберг. Зафир Васев е иселеник кој моментално е во пензија, кој е еден од првите кој со тогашната група Македонци пристигнал во Бретен во седумдесеттите години од минатиот век. Најголем дел од нив работеле во најголемата фирма за производство на шпорети ,,Неф” каде работела и неговата сопруга Блашка, а работел и приватно после работата со што стекнал капитал за мирен и безгрижен пензионерски живот. Карактеристично за ова семејство е што во нивната куќа во Бретен, како што раскажува Васев, тогашниот сопственик на фирмата ,,Неф” за време на војната ја има криено неговата сопруга Еврејка од нацистите.

Чичко Зафир Васев со гордост се сеќава на времето кога како што вели ,,Господ и Тито” оделе по земјата. Тоа било време кога голема група Македонци пристигнале во Бретен на работа и останале на работа во овој град. Според кажувањата на неговиот син Бошко Васев кој им посредува на македонците за работа во Бретен, во моментот има околу 2000 македонци кои својот леб го заработуваат во ова германско гратче. Токму благодарение на ова семејство, а најмногу на иселеникот Бошко Васев имавме прилика во два наврати да го посетиме Бретен.

За центарот на Бретен за време на нашето присуство забележавме дека се состои од многу стари дрвени куќи, со многу продавници негова близина. Под администрација на Бретен како што прочитавме на локалната мапа има неколку градови и села во кои се вклучени Бауербах, Башиг, Диделсхајм, Даренббачиг, Галшаузен, Нибсхаим, Ринклинген, Руит и Спартанал.

Во присуство на нашиот домаќин кој разговараше со локалниот водич дознавме дека Бретен за прв пат се спомнува како „Вила бретхајм“ во „Кодексот на Лорш“ во 767. Од 1148 година Бретен имал право да издава монети. Во 1254 година добил градски права, а во 1492 година добил четири саеми од Пфалцграф Филип. По индустриската револуција, во локалната економија, како што напомена и чичко Зафир Васев, доста долги години доминира производството на шпорети. Во 1975 година, Бретен се здобива со статус на окружен град, што на германски значи „Гроже Крајсштат”.

Станицата Бретен е на западната железница во Виртемберг и на железничката линија Крајчигау. На секои два часа има директни возни врски со Штутгарт и Хајделберг. Многу патници живеат во Бретен, користат услуги за С4 на Карлсруе Штадбахн, која сообраќа три пати на час до Карлсруе и назад. Во Бретен има 5 станици Stadtbahn и уште пет станици во селата кои припаѓаат на округот Бретен. Автопатиштата А5, А6 и А8 се достапни во рок од приближно 30 минути.

Најголем настан во Бретен е годишниот фестивал заштитен од УНЕСКО, Peter And Paul Fest, кој обично привлекува до 80.000 посетители. Се одржува во летото за време на истоимениот празник. Главните атракции се бројните настапи на учесниците сместени во безброј кампови во стариот град Бретен. Во финалниот дел во рамки на фестивалот се прави дефиле со огромна поворка на облечени граѓани и гостински групи.

Посетителите и туристите кои присуствуваат често знаат да бидат иритирани или забавувани од мешавината на учесниците во костуми кои се поврзани со различни векови, па така можете да видите средновековни мажи со оружје, пастири, музичари и жонглери, како и семејства и милиции стилизирани од Бидермиер. Фестивалот има три различни потекла, но за најточно се смета дека истиот потекнува како резултат на победата на граѓаните против швајцарските опсадувачи на 28 јуни 1504 година.

Фестивалот во Бретен исто така е место за традиционален натпревар, наречен „скок на овчарите“, што го прославуваат сите локални овчари. Во текот на 16 и 18 век се одржале неколку натпревари за стрелање, некои од нив на Денот на Петар и Павле. Во 1805 година е основана милиција на граѓани во Бретен. Оттогаш Фестивалот Петар и Павле се слави редовно. По Револуцијата во Баден, милициите не смееле да носат оружје со што и фестивалот тогаш имал детски карактер. Во 1923 година фестивалот станува поорганизиран, со многу гости и милиции од други градови.

По Втората светска војна, американската администрација дозволува фестивалот да се организира повторно од 1950 година, со нова милиција и неколку друштва што ги промовираат средновековните аспекти од 1504 година. Денес, организацискиот одбор има тенденција да ги унапреди средновековните аспекти на фестивалот. Многу граѓани на Бретен преку целата година учествуваат во организирање на Фестивалот, подготвувајќи ги нивните носии, преку студирање стари книги, музицирање (особено на тапани), вежбање борби, танцување, жонглирање или вежбање други претстави. Од 1980-тите, организациониот одбор секоја година ангажира и професионални уметници.

Во рамки на фестивалот, исто така, се организира и саем, кој ги привлекува главно децата и тинејџерите. За повеќето граѓани и гости, фестивалот е најважното место за средби со поранешни, постоечки или нови пријатели, или – како што еден ученик има кажано за британските весници: „За мене Фестивалот Петар и Пол е фестивал на љубовта“.

Меѓу значајните личности родени во Бретен е Филип Меланхтон, роден 1543 година како Филип Шварцердт; (1497-1560), кој бил придружник на протестантскиот реформатор Мартин Лутер.

Куќата на фотографијата е местото каде е роден Филип Меланхтон. Изградена е за да биде музеј и библиотека во 1897 година. Изградена и поставена е на 400-тиот роденден на Меланхтон, на 16 февруари 1897 година.

Меѓу познатите личности родени во Бретен исто така е и фронтменот на групата Хладно пиво, Миле Кекин, (роден 1971 г.). Овде се родени и Серхат Акин, (роден 1981 година), професионален напаѓачки фудбалер, потоа Селчук Алибаз, (роден 1989 г.) кој истотака е познат професионален фудбалер.

Во Бретен е роден и Швикарт помладиот од Сикинген, (починал 1478 година), Амтман од Бретен, Самуел Ајзенменгер (1534-1585), (Сидерократ), лекар и астроном.

Она што нам ни остави впечаток за време на нашиот престој во Бретен е љубезноста на вработените во угостителските објекти во центарот на градот кои ќе ви го понудат највкусното пиво, кафе, сладолед и што уште не…!

Во Бретен пробавме и кинеска храна, пиевме пиво во неколкуте пивници карактеристични за градот.

Дефинитивно мирно гратче кое освен за фестивалот вреди да се посети во било кое време во годината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*