Поради Ковид-19 изостана одбележувањето на Меѓународниот ден на сестринството во Делчево

Изостана одбележувањето на Денот посветен на медицинските сестри во Делчево. Поради вирусот Ковид-19, како што информираше Сузана Пановска од делчевското Здружение на медицински сестри, годинава доделувањето на наградата за најдобра медицинска сестра и прославата по тој повод е одложена.

-Во делчевската здравствена установа во чиј состав спаѓа и клонот во здравствената станица во Македонска Каменица, моментално работиме околу 70 медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри на кои што им го честитам денешниот ден и им се заблагодарувам за поддршката која ја пружаат кон пациентите во услови кога сегде околу нас имаме пандемија од широки размери, истакна Пановска.

Честитки до медицинските сестри упати и директорката на Здравствен дом Делчево, Марија Глигоровска.

-Медицинските сестри се посебно ангажирани, во моментот работат во отежнати услови. Тие се наши први асистенти помошници, ги негуваат пациентите, ја аплицираат терапијата и се еден вид мост помеѓу докторот и пациентите и затоа со задоволство се придружувам на честитките на овие лица кои се значајна алка за здравството, истакна Глигоровска.

Директорката приликата ја искористи да информира дека во соработка со Министерството за здравство делчевската здравствена установа набави ново болничко возило за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*