Започнува сезоната на печурки во Пијанец

Печуркарите од Пијанечко-малешевскиот регион ја започнаа сезоната на печурки. Во откупните центри веќе пристигнаа првите количини на печурки од кои најголем дел од сортата ,,лигав вргањ” и ,,вргањ”. Цената како што информираат од откупните центри се движат до 150 денари за прва класа сурова печурка.

-Врнежите кои паднаа во изминатите денови во комбинација со сончевиот период придонесоа да се појави печурката ,,вргањ” која е најзабележителна во атарот на долно Драмче. Меѓу првите количини има и доста обемни печурки со екстра квалитет кои достигнуваат и добра цена, велат собирачите на печурки.

Олабавувањето на мерките и најавеното укинување на полицискиот час според сопствениците на откупни центри ќе придонесе граѓаните кои собираат печурки да го зголемат семејниот буџет.

-Секако дека печуркарството е егзистенција за многу семејства. Во време кога владее коронавирус, а со олабавување на мерките очекуваме успешна сезона за доброто и на нас како откупувачи и на собирачите на печурки, за кои ова е доста добра приходна дејност, додаваат од откупните центри.

Печуркарството во изминатите години беше доста доходовен бизнис во Пијанечко-малешевскиот регион. Ова се темечи на фактот што според вработените во откупните центри над 50 тони печурка завршиле на пазарите во западно-европските земји меѓу кои Италија, Германија и Франција. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*