Финишира изградбата на градска капела во Делчево

Градежните работи за изградба на градската капела во Делчево се во завршна фаза. Во моментов се работи на финалната обработка на внатрешните ѕидови и на плафоните, по што како што информираат од општината ќе се пристапи кон поставување на завршниот слој на фасадата на објектот.

-По завршување на градежните работи ќе се започне со уредување на ентериерот и поставување на потребните елементи. Според информациите од економскиот оператор кој е задолжен за изведба на работите, тие треба да завршат за еден месец, истакнаа од општина Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој изврши увид во градежните активности, изрази задоволство од динамиката на работите и додаде дека изградбата на објектот ќе донесе значителни придобивки за градот Делчево.

-Со изградбата на градската капела се решава уште еден горлив проблем на граѓаните на Делчево. Погребот е тежок чин и треба да биде достоинствен, а со ставањето во функција на капелата, тоа и ќе го овозможиме. Проектот има големо значење, пред сè за граѓаните од православна христијанска вероисповед, истакна Трајковски.

Во рамки на проектот покрај капела предвидена е и изградба на придружни и услужни објекти, а во рамки на парцелата предвидени се паркинг места за 16 лесни возила и пешачка патека за вработените лица и посетителите, како и парковско зеленило.

Инвестицијата е вредна 6,9 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*