Здравствените установи во Делчево и М.Каменица исправени пред предизвиците на корона вирусот

Проблемите со коронавирусот не ги одмина здравствените установи во малите средини на крајниот Исток. Здравствениот дом во Делчево и здравствената станица во М.каменица не останаа имуни на ситуацијата која според директорката Марија Глигоровска битно влијаеше на нормалното функционирање на установите.

Сепак од почетокот на пандемијата овие две општини се меѓу ретките каде заразата не се прошири. М.Каменица е една од ретките општини каде нема вирус, додека во Делчево беше регистриран еден случај кој беше негативен на последните два теста, но за жал почина.

И тогаш кога сите очекуваа вирусот да стивне, во неколку источни општини меѓу кои и Штип, се појавија зголемен број на случаи, што според Глигоровска повторно ги алармираше здравствените надлежни за внимателно следење на ситуацијата.

-За жал мислевме дека најлошото помина, иако во почеток кога првите случаи почнаа да се појавуваат во нашата држава, ние се спремавме за лошо сценарио. Општо мислење е дека доста добро поминавме за почеток и не стигнавме некој висок пик, меѓутоа сега кога почнаа мерките да попуштаат, кога на ниво на цела држава во последните пет дена има 220-230 нови случаи е навистина штета, бидејки бројот на нови заболени во светот се намалува, а кај нас се зголемува. Ние прво се спремавме за најлошо сценарио, потоа добивме налог за попуштање на мерките, меѓутоа еве од денеска веќе стигнуваат известувања од Министерството за повторно затегнување на ситуацијата и воведување на мерките, така што будно ја следиме ситуацијата вели Глигоровска.

Во таа насока, како што додаде продолжува координираната работа со градоначалниците на општините, со Центарот за јавно здравје во Кочани, со Здравствениот дом во Пехчево, граничната полиција и другите институции, се во насока на заштита од заразата на населението за кое Глигоровска додава дека е пријатно изненадена од почитувањето на мерките од страна на граѓаните.

-Сето тоа веројатно и придонесе да не се прошири заразата и „дај боже“ така и да остане. Што се однесува до нашата подготвеност, ние сме опремени со ординација за брис, имаме простории за престој на евентуални болни пациенти на местото на поранешниот Центар за дијализа, во Македонска Каменица со градоначалничката Соња Стаменкова набавивме околу 50 кревети, Рудник Саса ни донираше околу 100 постелнини и душеци, ќебиња, на неколку локации во неколку сали кои ги имавме на располагање обезбедивме топла вода, канализација и водовод, се со цел да имаме подготвени простории во случај на некој нов поголем бран од коронавирус, додава Глигоровска.

Коронавирусот, како што истакна директорката на делчевскиот здравствен дом најмногу влијаеше на работата на лекарите кои заминаа на специјализацијаа, а кои мораа да се вратат и да се вклучат во борбата против вирусот.

-Од самиот почеток на пандемијата нашите специјализанти се вклучени во работата на Итната помош, работат во смени, во домашна посета, патуваат со нашите пациенти итн. Еден од лекарите кој се врати кога прекинаа мерките е специјализантот по Интерна медицина, додека другите лекари беа ангажирани во Итната помош. Околу самите специјализации, да кажам дека секоја година во месец март се распишува оглас за нови специјализации. Ние минатата година имавме двајца лекари кои заминаа на специјализација и тоа во областите Интерна медицина и Нервно. Бидејки моментално имаме веќе еден специјализант на Интерно во Делчево, јас инсистирав таа специјализација да ја доделиме на лекар во М.Каменица и рамномерно на лекар во Делчево. Меѓутоа поради најава за отказ на лекарка во М.Каменица, ја одложивме таа специјализација за месец март. По пандемијата на коронавирусот ја одложивме и втората специјализација како и новата специјализација што Министерството ни ја додели за 2020 година за Неврологија, која исто така беше наменета за М.Каменица. Се надевам дека двајцата лекари од М.Каменица и лекарот од Делчево наесен ќе продолжат со специјализација, иако новата ситуација со вирусот ни наметнува како здравствените работници и како народ да ја сфатиме уште посериозно состојбата, за да можеме нормално да ги остваруваме плановите во здравството, истакна Глигоровска.

За работата на здравствената станица во М.Каменица, Глигоровска изрази задоволство од постигнатите резултати во изминатите три години, иако како што истакна во неколку наврати од страна на опозицијата во М.Каменица била обвинета дека установата е заборавена од надлежните.

-За време од три години додека сум директор, посебно акцент дадов на здравствената станица во Македонска Каменица каде затекнав доста лоша состојба. Прво во 2017 година, мораше да се реновираат санитарните чворови на првиот и вториот кат во новиот оддел во М.Каменица, кој во меѓувреме стана стар оддел, бидејки стариот оддел беше пред мене реновиран и адаптиран во Итна медицинска помош. „Новиот дел“ беше руиниран, течеше од сите страни и во делот на инсталацијата и санитаријата, така што мораше прво со тоа да се зафатам со работа. По комплетното реновирање во тој дел, парното греење почна да ,,пука” од сите страни, и беше потребно да се реши тој проблем. Со помошта од рудник САСА, успеавме да направиме комплетна обнова на парното. Во меѓувреме имавме и други активности околу набавка на современи апарати за притисок, стетоскопи, во делот на грижата на бебињата имаме набавено најсовремени фрижидери за чување на вакцини, станува збор за електрилни апарати кои 72 часа можат да работат без електрична енергија, тоа се доста квалитетни фрижидери кои ги има единствено во клиниките од рангот на „Кардиохирургија Жан Митрев“, а веќе ги набавивме за здравствените домови во М.Каменица и Делчево. Потребата од нив беше голема, бидејки сигурноста за вакцините е многу важна, така што сега сме сигурни дека вакцините се бебзедни, објасни Глигоровска.

Во делот на работата на установите, Глигоровска ги посочи проблемите со прием на нови работници.

-Знаете дека Владата на Република Македонија ги финансира тие вработувања, ги кофинансира приватните специјализации, така да и во Делчево и во М.Каменица по еден вработен лекар не напушти и притоа заминаа на приватна специјализација. Јас лично го поздравувам тој чин, заради тоа што тие две докторки ќе останат да работат по специјализацијата, едната во Делчево, другата во Македонска Каменица со добри специјалности. Се работи за специјализации по Гинекологија кои имаат поддршка од државата. Владата на специјализантите им доделува по 25.000 денари месечно, така што можат да си дозволат да одат на приватна специјализација. Тука ќе го споменам и колегата по физиотерапија, кој потоа ќе остане да работи кај нас. Во меѓувреме кога се новите вработувања во прашање, очекувам една млада лекарка од каменичка Моштица која има завршено факултет, да се јави на огласот за вработување, на кој очекувам да се пријават и младите доктори од околните градови, конктетно за вработување во Итната медицинска помош, рече Глигоровска.

Ако се реализира оваа идеја, како што додава таа, ќе се создаде можност двајцата доктори да заминат на специјализација, што пак ќе придонесе да се отвори простор за специјализација и за други лекари.

-Со тоа ќе ги обновиме специјалностите во М.Каменица и во Делчево. Во М.Каменица како што знаете имаше двајца интернисти, едниот веднаш се префрли во Делчево, додека д-р Мице Бошковски пред три години си замина од М.Каменица, така што останавме без интернист. Имаше коментари околу педијатријата која немаме можност како Здравствен дом да ја специјализираме, затоа што еден педијатар кој го имаме е сосем доволно. Ние очекуваме после две години да дојде специјализант по Вонболничка Педијатрија кој би работел по два дена во неделата во М.Каменица и Делчево, така што сметам дека тоа е сосем доволно за оваа област. Знаете дека ингеренциите на педијатрите ги зедоа матичните лекари, додека само превентивниот дел останува како обврска, а тоа за нас како здравствен дом е сосем доволно. Во моментот докторката по училишна медицина ги работи систематските прегледи и во Македонска Каменица и во Делчево, тоа е навистина сосем доволно, за систематските прегледи на бебињата, за вакцините кога ќе се врати специјализантот односно специјалистот по Вонболничка Педијатрија ќе работи во двата града. Паралелно со нашите интернисти направивме канал како пациентите да ги добиваат инсулините, со тоа што еднаш неделно оди интернист во М.Каменица, така што потребите од Интерна медицина се задоволени, додаде Глигоровска.

Во однос на опрема за заштита од коронавирусот во двете општини како што појасни Глигоровска се направени потребните набавки најголем дел преку донации.

-И во Делчево и во М.Каменица набавени се скафандери и за еднократна и повеќекратна употреба како и маски, ракавици и дезинфициенси, така што ништо не доставува. Кога ќе стивне короната посебно ќе им се заблагодариме на донаторите, бидејки се работи за околу 20 женски лица кои во неколку наврати испратија донации во Брзата помош во М.Каменица, помош која што по нивна желба е распределена. Направивме попис на се што е донесено и планиравме кога ќе стивне епидемијата да им се заблагодариме. Како Здравствен дом ова го сфаќаме како поддршка за здравствените работници кои неуморно даваа се од себе во борбата против коронавирусот во Делечво и М.Каменица, додаде директорката на здравствениот дом.

За крај Глигоровска препорача дека е многу е важно граѓаните да се држат до здравствените препораките на преку држење дистанца која според неа е единствен начин да се спречи заразата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*