Јајце со форма на сонце се појави пред соборниот ден во делчевското село Град

Јајце со форма на сонце се појави пред соборниот ден во делчевското село Град. Истото било пронајдено во шталата на семејството Маркови од село Град, кои велат дека досега нивните кокошки немаат снесено вакво јајце.

-Кога отидов да ги соберам јајцата од кокошките, забележав дека едно од нив има форма на сонце. Ова е прв пат од моја кокошка да биде снесено вакво јајце, кое ќе го чувам за спомен, вели Трајанка Маркова.

Како жителка на единственото село во Македонија кое го носи името Град, Маркова додава дека можеби појавата на ваквото јајце е поврзано со празникот Духовден кој во недела се слави како соборен ден во село Град.

-Не можам со сигурност да кажам дали јајцето со сончева форма има некаква врска со празникот, но знам дека оваа година поради коронавирусот и почитување на препораките, соборниот ден нема да се слави групно, како што беше изминатите години. Поради полицискиот час и оние што планирале да го одбележат денот Духовден сега нема да може да го сторат тоа. Јас нема да одам никаде, а порачувам и на луѓето да не доаѓаат, поради тоа што за време на соборниот ден ќе бидеме во карантин, вели Маркова.

Заедно со сопругот Благој, тетка Трајанка додава дека главна преокупација им се домашните животни, додека за коронавирусот велат дека воопшто не го сменил вообичаениот живот на село.

-Освен кокошки чуваме и кози, имаме млади јариња, исто така село без мачки и кучиња не бива, а имаме и магаре. Животот во село Град е мирен како и секогаш, не се плашиме од вирусот, бидејки животот на село е здрав, додава Маркова.

Во село Град моментално живеат околу стотина жители кои претежно егзистираат од земјоделство. Поради големиот број насади со сина слива најзастапена гранка во село Град е овоштарството. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*