Невремето со град оштети насади со сина слива во габровското подрачје

Невреме со врнежи од град денес попладне го зафати Пијанечко-малешевскиот регион. Најзабележителна оваа појава беше во атарот на делчевското село Габрово, каде како што изјави Блаже Митевски жител на селото, градот оштети поголема површина со овошни насади со сина слива.

-Конкретно кај мене оштетените површини кои се наоѓаат на местото викано ,,Грлото” се негде 4 декари. Имав овошни насади од сина слива која поради градот е целата на земја падната. Исто така оштетени овошни насади од сина слива имаат и моите соседи кои имаат имот во близина. Врнежите од град започнаа околу 13:30 часот и траеја мошне кратко, но беа силни и ја предизвикаа штетата, рече Митевски.

Освен во делчевско, невремето создаде проблем и во пехчевскиот регион. Меѓу најпогодените подрачја како што информираат граѓани е и туристичката населба ,,Равна Река”.

-Дождот беше обилен и набрзина го наполни речното корито кое носеше се пред себе. Во невремето оштетена е урбана опрема во туристичката населба, а постоеше опасност да бидат срушени и неколку мостови во близина, информираа жители од населбата.

Нестабилното време предизвика проблеми и во текот на изминатите денови во Пијанечко-малешевскиот регион. За штета на овошните насади информираа и жители од делчевското село Драмче, а врнежи од град во поголени количини деновиве беа забележани и во пехчевското село Црник.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*