,,Континуитетот на кинетографското писмо во Македонија” -прва книга на м-р Христијан Николовски

Излезе од печат првата книга од нашиот сограѓанин м-р Христијан Николовски, “Континуитетот на кинетографското писмо во Македонија”. Како што истакна авторот, делото содржи детален аналитички осврт на кинетографското писмо во Македонија и неговото развивање со текот на годините.

-Кинетографското писмо воопшто претставува начин на запишување на чекорите во традиционалната игра и постојат повеќе начини и методи на запишување и бележење на традиционалните игри. Од историски аспект даден е аналитички осврт на повеќе видови писма, кои биле во функција на кинетографијата во Македонија како што се знаковните системи, дескриптивниот метод на објаснување на игрите и знаковните системи во комбинација со дескриптивен метод. Овие видови кинетографски писма и методи на запишување биле доста сложени, неунифицирани и не дошло до нивно ширење и прифаќање во светски рамки, истакна Николовски.

Содржината на овој труд, како што додава тој, содржи податоци за кинетографијата и нејзината примена на територијата на бившата југословенска држава, кинетографијата во Бугарија и за кинетографското писмо на Рудолф Лабан, познато како лабанотација, кое остава трајни обележја и достигнувања во светски рамки.

-Исто така, во делото дадена е јасна слика за развојот и употребата на кинетографските писма во Македонија, како од самата појава, така сѐ до ден денес, гледајќи и од современ аспект. Трудот содржи податоци за авторите и главните претставници на кинетографијата и кинетографските писма во споменатите простори, автори кои оставаат големи епохални дела значајни за науката, кои претставуваат основа и база при создавањето на овој труд, додава Николовски.

Магистер Христијан Николовски е професор во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј” – Скопје и асистент на Музичката академија при УГД – Штип на одделот за Етнокореологија. Рецензенти на книгата “Континуитетот на кинетографското писмо во Македонија” се проф. д-р Владимир Јаневски (ментор) и проф. д-р Стефанија Лешкова Зеленковска.

Честитки до нашиот сограѓанин за ова негово првенче и нека се множат делата.

https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=3436544739711802&id=100000689295845

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*