Прирачникот „Децата и нивната безбедност во сообраќајот“ дистрибуиран во делчевските училишта

Прирачникот за родители „Децата и нивната безбедност во сообраќајот“ пристигна во делчевските основни училишта. Прирачникот како што информираше Николина Петрова Мавродиева од Општинскиот совет за безбедност на патниот сообраќај е наменет за деца кои имаат завршено второ одделение, а треба да им помогне на родителите за да ги научат безбедно да стигнат до училиште и како безбедно да се вратат дома.

-Во прирачникот се опфатени најважните правила и прописи во сообраќајот на кои треба да се научат децата како користење сигурносен појас и детско седиште во автомобил и најчестите грешки со кои возачите ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Исто така содржи апели, пораки и совети за поголема безбедност на децата во сообраќајот, преку кои директно ќе се влијае на подигнување на јавната свест за безбедно и одговорно учество во сообраќајот и заштита на децата, информираа од Општинскиот совет за безбедност на патниот сообраќај. 

Со дистрибуција на оваа публикација во училиштата, како што додаде, целта е да се даде придонес во остварување на стратешката цел на државата, а тоа е бројот на загинати деца во сообраќајни незгоди да биде еднаков на нула.

-За остварување на овој концепт е потребно да се вложат сите општествени сили, напори и инструменти кои се на располагање, но клучна е улогата на родителот/ старателот и на семејството, додадоа од ОСБСП Делчево.

Прирачникот „Децата и нивната безбедност во сообраќајот“ е изработен од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*