Берово ја доби првата агро-метеоролошка станица

Во Берово денес продолжи поставувањето агро-метеоролошки станици за заштита на земјоделските култури. Како што информираше Александар Николов од Источно-планскиот регион преку кој се спроведува проектот до крајот на месецот ќе биде поставена по една агрометеоролошка станица во секоја општина од Источно-планскиот регион.

-По поставувањето на станиците и одржување на обуките, земјоделците ќе имаат можност да користат податоци од овие метеоролошки станици во оснос на метеоролошките прогнози, за нив ќе биде достапна апликација на македонски и англиски јазик, меѓутоа ќе биде направена и веб-платформа на која земјоделците ќе користат информации во однос на идните болести на земјоделските култури, параметри кои ќе бидат добиени од оваа станица со што во иднина ќе можат да го зголемат земјоделското производство, рече Николов. Вредноста на проектот, како што додаде е 2,16 милиони денари кои се обезбедени преку Програмата на инклузивен и рамномерен одржлив регионален рамномерен развој.

-Истиот е финансиран од Швајцарската агенција за равој и соработка и Министерството за локална самоуправа. Од оваа иста програма, освен овие мерни станици во моментот вршиме реконструкција на ски лифтовите на Пониква и има објавена јавна набавка за реконструкција на старечкиот дом во Општина Берово. Овие два проекти исто така ќе бидат завршени до крајот на годината, додаде Николов. Агро-метеоролошки станици како што појасни метеорологот Глигор Тодоров работи на сим картичка и соларен панел и батерија, автоматски се наполнува поради што не е потребно ангажирање доиполнително луѓе за да ги вчитуваат податоците.

-Самата станица има софтвер која на секои 10 минути ги мери и ги запишува податоците, кои потоа се трансферираат на сервер, од каде се праќаат на мобилна апликација која е достапна за сите граѓани и веб-платформа која да кажеме ќе биде специјализирана за земјоделците. Мобилната апликација освен на македонски е достапна уште на неколку јазици.Таму ќе ги сретенете сите моментални податоци кои како што кажавме се обновуваат на секој 10 минути и врз основа на тоа може да ги предвидуваат своите активности, појасни Тодоров.

На мобилната апликација како што додаде тој, исто така ќе биде достапен и модел за био-прогноза.

-На истата ќе може да се најдат податоци за присуство на полен, реума и мигрена. Оној дел што е за земјоделците, за секоја општина има предвидено соодветна култура и самите земјоделци можат да следат кога настанува некоја болест, кога не треба да прскаат кога треба да се прска. На тој начин ќе ги намалат своите средства што ќе значи намален трошок за нив и поздрава животна средина. Во секоја општина по една станица ќе биде достапна за еден модел за прогноза и сите болести кои се вклучени и зависат од временските услови, додаде Тодоров.

Според градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, проектот за агро-метеоролошки станици ќе придонесе за подобрување на условите за заштита на животната средина и секако за заштита на земјоделските култури.

-Со оваа активност ќе биде зголемена информираноста на земјоделските производители за заштитата, значи во кој период од годината каква заштита е потребна на земјоделските култури, секако ќе придонесе за намалување на трошоците на нивно производство и подобрување на квалитетот на истите, рече Пекевски.

Околу старечкиот дом во Берово кој е дел од овој проект како што потврди тој во тек е постапка за избор на најповолен понудувач, по што ќе се пристапи кон потпишување на договор и проширување на капацитетите на истиот.

-Верувам дека до крајот на годината истиот ќе биде реконструиран и ќе овозможиме зголемување на нови 10 места со кои ќе бидат згрижени нови 10 лица од листата на чекање, со што ќе влијаеме на подобрување на социјалната заштита, додаде Пекевски.

Од Центарот за развој на Источно-плански регион додадоа дека во наредниот период со сите засегнати страни започнува процес на изработка на програмата за работа на Планскиот регион со тоа што ќе биде изготвен стратешки документ за периодот 2021-2025, кој треба да ги дефинира наредните правци и приоритети за развој на планскиот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*