Започна доградбата на манастирот „Св.Јован Крстител“ во делчевското село Очипала

Во делчевското село Очипала започна уредувањето на надворешниот и внатрешниот дел на манастирот „Св.Јован Крстител“. По првичната сторија објавена за манастирот пред неколку месеци, како што информира ктиторот Ванчо Симовски се јавиле доста спонзори, со чии средства започна уредувањето на екстериерот и ентериерот во самиот манастир.

-Доста луѓе и фирми се јавија како спонзори, тука се Валпром, Телетански Стовариште, Драган Димовски од Австрија и главен спонзор Shopmania, кои помогнаа и обезбедија средства и материјал, за да може манастирот да се доизгради целосно. Очекуваме целосно да го завршиме најдоцна до следната пролет. Се работи за манастир кој се наоѓа на многу стар локалитет. Познат е по овој камен од кој извира вода, каде многу луѓе се имаат крштевано од него. Во негова близина има секогаш многу убава вода, за очобол, за глава, за здравје, поради што може секој да дојде, секој да проба, да види и да чини адет, вели Симовски.

Уредување на  манастирот Симовски им го додели на група од три момчиња кои сакајки и самите да дадат придонес за негова доизградба прифатиле да работат за пола цена.

-По желба на газдата одлучивме да бидеме со нешто донатори, заради што се нафатив да работам со мојата работна група. Апелирам до сите верници кој со што може да помогне да се доизгради црквата „Св.Јован Крстител“, вели мајстор Николчо Јанкуловски.

По завршувањето на работите на манастирот, Симовски планира да се уреди и дворното место, бидејки како што додаде, се работи за доста атрактивен локалитет во чија близина некогаш била планирана и железничката пруга со Република Бугарија.

Местото каде се наоѓа тунелот под манастирот

-На местото под самиот манастир се наоѓа тунел кој се протега во должина од најмалку е 500 метри. На спротивната страна самиот тунел е изѕидан со блокови и со камен. Тоа е правено некогаш за пругата што требала да оди за Бугарија. Токму поради тоа сметам дека има многу добар простор кој со помош на спонзори може многу добро да се уреди со огромен паркинг и уште една патека која ќе го поврзува местото со регионалниот пат Делчево – Благоевград, Целта е да можат туристите да го посетат местото, каде секој кој ќе дојде да може да си го остави автомобилот и да ужива во местото, додава Симовски.

Целокупната замисла како што објаснува Симовски е да се уреди и дворното место и со тоа комплексот да добие една прекрасна целина.

-За дворното место имам „пазарено“ машина да ја извади земјата, а потоа планирам да го извадам целиот камен и да го искористам за да направам убава чешма на која во средината ќе има голем круг со ликот на Господ, а на другите две страни лево и десно, ликот на Мајка Богородица и „Св.Јован“. Потоа напролет ќе го средиме дворното место околу манастирот ќе посадиме тревичка со цел местото навистина да биде како што треба, додава ктиторот Симовски.

Тој упати покана до сите верници и дарители кои се во можност да помогнат да се заврши објектот кој овозможува прекрасна панорама кон градот Делчево и има идеални услови да прерасне во убав туристички локалитет кој ќе биде посетуван од многу туристи.

Започна доградбата на манстирот „Св.Јован Крстител“ во делчевското село Очипала

Gepostet von delcevo365.mk am Freitag, 25. September 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*