Новиот покриен градски пазар во Делчево ќе го гради тетовска фирма

Економскиот оператор „ПАНЕЛ-М Мехаз“ ДООЕЛ Тетово е фирмата со која општина Делчево склучи Договор за „Изградба на градски зелен пазар-прва фаза“, откако претходно беше спроведена јавна набавка.

Вредноста на Договорот како што информираат од општината изнесува 14.9 милиони денари без вклучен ДДВ, односно 17,6 милиони денари со вклучен ДДВ.

-Средствата се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на во износ од 7 милиони денари и од Буџетот на Општина Делчево износ од 7,9 милиони денари. Економскиот оператор „ПАНЕЛ-М Мехаз“ ДООЕЛ Тетово се обврзува да го изврши (изгради) предметот на Договорот во рок од 12 (дванаесет) месеци сметано од денот на потпишување на Договорот за јавна набавка, информираа од Општината.

Изградбата на градскиот пазар како што додаваат е капитален проект за Делчево кој ќе донесе современи услови и за продавачите и за купувачите, но и овој дел на градот ќе добие современ урбан изглед, а воедно, ова урбанистичко решение ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби.

-Во првата фаза на реализација се предвидува изградба на отворен-затворен градски пазар во Делчево со продажен простор за земјоделски и други стоки (покриен со кровна конструкција), простории од затворен тип за продажба и услуга на производи со разна намена, администрација, помошен дел, санитарии, додадоа од Општина Делчево.

Градскиот пазар е предвидено да се гради на површина на градежна парцела 11.599 м2 и површина за градење од 6.944 м2. Решението на парцелата како што додаваат надлежните дава можност за етапно градење со нагласок на прва фаза – отворен и затворен градски пазар со придружни содржини – и ќе опфаќа површина од 2500-3000 м2 од вкупната површина за градење.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*