Повеќе видови украсни рипки кои пред неколку дена од страна на делчевските спортски риболовци беа пуштени во градската фонтана се уништени од страна на несовесни лица. Вработените во блискиот локал велат дека меѓу несовесните имало и деца чии родители немо посматрале без да реагираат додека ги фаќале со раце и удирале со прачки.
-Навистина лоша глетка, за која не се виновни дечињата, туку нивните родители, кои иако гледале што се случува не реагирале,заради што од утрово имаме неколку изумрени украсни рипки. Наместо да имаме место, кое e украс на градот, ни се случуваат работи кои навистина треба да ги замислат родителите што се им дозволуваат на дечињата, велат вработени во блискиот кафе-бар.
Осуда за ваквиот настан имаше и од спортските риболовци од Делчево.

-Како Спортско-риболовно друштво „Брегалница“ сметаме дека ова е грозен чин, јасно се гледа на фотографиите кој е сторителот и бидејки се работи за деца, одговорност мора да понесат нивните родители на кои им треба добро советување како треба да се однесуваат кон јавното. Направеното и штетата која не може да се врати нека им служи на чест, велат риболовците.
Од друштвото апелираат ова да не се повтори, а воедно упатија порака до надлежните да се внимава, бидејки случајот може да се повтори кај фонтаната во паркот „Езерце“, која исто така на нивна иницијатива е збогатена со украсни рипки.
Leave a Reply