Учениците и наставниците заеднички храбро ќе го изодат патот пред кој се исправени и оваа учебна година. Со оваа порака денес во деветолетката „Ванчо Прке“ во Делчево за време на одбележувањето на Светскиот ден на учителите, наставниците порачаа дека иако изгледа тешко, новата реалност која ја наметнува пандемијата во училиштата, за учителите ќе биде мотив плус да се заштити здравјето на учениците.
-Ќе го изодиме и овој пат заеднички. Иако тешко меѓутоа секогаш било така и затоа кога ќе се навикнеме на оваа ситуација во која сме денес, ќе ни биде поважно да го заштитиме здравјето на нашите деца, а за знаењето тука сме отсекогаш за учениците кои ќе продолжиме и понатаму да ги едуцираме, истакна Маријана Стоименовска, наставник со долгогодишно работно искуство и заменик директор во деветолетката „Ванчо Прке“.

Таа додаде дека учителите и во минатото се соочувале со предизвици кои секогаш биле во корист на подобар воспитно-образовен процес.
-Учителите имаат секогаш предизвик. Аристотел рекол дека во секое време учителот само знае да едуцира иако родителот е дел на ученикот, ние сме дел од неговото живеење во иднина. Сме имале предизвици и ние учителите, на почетокот сме учеле како да работиме со компјутери, сме учеле како да работиме со деца за кои потешко било да соработуваме, сме имале проблеми и околу новиот наставен процес. Имало време и кога самите родители имале потешкотии во работењето, ние сме биле тие кои сме ги прифаќале. Бирото за развој на образованието во минатото секогаш било тука со многу нови идеи, совети, методи и техники кои сме ги совладале, додаде Стоименовска.

Во рамки на денешното одбележување на Светскиот ден на учителот во знак на благодарност до своите учители, учениците приредија пригодна програма во училишниот двор.
-Денес учениците од прво и второ одделение ни направија прекрасно изненадување, со тоа што не повикаа во училишниот двор, за да не охрабрат со нивната силна порака: ” Учители Ви благодариме”. Со овие два збора ни го подарија најубавиот подарок на овој наш ден. Низ детски песни и игра со почитување на раздалеченоста играа и пееја, така што училиштето доби некоја чудна еуфоричност и силна љубов кон нашиот втор дом, нашето училиште, дополни Стоименовска.

Во деветолетката „Ванчо Прке“ во Делчево во моментот настава со физичко присуство се одвива со учениците до трето одделение, како и во сите подрачни училишта.
Leave a Reply