Годишниот план за крводарување во Делчево се остварува согласно планираното

Годишниот план за крводарување во Делчево се остварува согласно планираното. Од почетокот на оваа година до денес Општинската организација на Црвен крст Делчево организирала вкупно 16 крводарителски акции, во кои крводарителите подариле 530 крвни единици. Овие бројки според Ивана Атанасовска од делчевскиот Црвен крст значат дека годишниот план за крводарување се одвива според планираното. 

-Голема благодарност до сите хумани граѓани кои беа дел од овие акции во изминатите 10 месеци и придонесоа со оваа бројка од 530 крвни единици да помогнат онаму каде што е најпотребно. Во таа насока сакам да упатам порака до младите над 18 години активнос да се вклучат во идните крводарителски акции со што во ова тешко време на Ковид-19 ќе помогнат и ќе спасат човечки животи, истакна Атанасовска.

Денешната акција која ја спроведе Општинската организација на Црвен крст беше вонредна и се одвиваше со граѓанството. Утре, 9 октомври 2020 година, како што најави Атанасовска крв ќе можат да даруваат и хуманите граѓани од Македонска Каменица.

-Во денешната акција во Делчево до овој момент се собрани 27 крвни единици, а очекуваме негде 40 крвни единици. Истата се спроведува во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Штип која утре ќе спроведе акција и со крводарителите од Македонска Каменица. Ја користам приликата да ги поканам крводарителите од М.Каменица дека во текот на утрешниот ден можат да го посетат Домот за култура од 9:30 до 13:30 часот и да ја искористат приликата да ја покажат својата хуманост со тоа што ќе даруваат крв, додаде Атанасовска.

Утрешната акција во М.Каменица, исто како и денешната во Делчево, како што додадоа од Општинската организација на Црвен крст, ќе се реализира согласно сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*