Во беровските воспитно-образовни установи нема заболени од Ковид-19

Во беровските воспитно-образовни установи од почетокот на учебната 2020/21 година нема заболени деца и вработени во училиштата од вирусот Ковид-19. Информацијата ја споделија надлежните при Општина Берово по посетата на градоначалникот Звонко Пекевски кој изврши увид во работењето на установите, при што главната констатација, како што додадоа надлежните е дека наставата со физичко присуство и далечинско учење се одвива без проблеми.

-Во рамките на своите програмски активности, градоначалникот Пекевски ги посети образовните установи на територијата на општина Берово, при што беа посетени деветолетките „Никола Петров Русински” и „Дедо Иљо Малешевски”, општинското средно училиште „Ацо Русковски“ и Општинската јавна установа Детска градинка „23 Август“. Во рамките на посетата беше разговарано за почетокот на учебната година, којашто поради пандемијата со Ковид-19 започна еден месец подоцна и во специфични услови, за начинот на кој се одвива наставата, за инвестиции во тек, потребата од кадри и за тековни проблеми и прашања, истакнаа од општината.

Градоначалникот Пекевски потенцираше дека во основните и средното училиште во општина Берово, се превземени потребните мерки и активности предвидени со донесените протоколи за работа, за почеток на учебната година, а протоколот за заштита од Ковид-19, успешно се спроведува и во детската градинка, благодарение на што, до овој момент, нема заболени лица.

Согласност за физичко присуство до деветто одделение во Берово имаат сите подрачни училишта во кои се реализира настава, како дел од ,Дедо Иљо Малешевски”, освен основното училиште во село Двориште, каде има согласност за физичко присуство до петто одделение. Во училиштето во Берово и во село Русиново, се спроведува настава со физичко присуство до трето одделение, а во гимназијата „Ацо Русковски” во Берово, целосно се спроведува онлајн настава.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*