Црвен крст Делчево ја одбележува Неделата за борба против глад

Под мотото „Помислете и на нас“, а како дел од одбележувањето на Неделата на борба против гладта, Општинската организација на Црвен крст Делчево денес ја реализираше првата хуманитарна собирна акција за поддршка на ранливите категории граѓани.

Во рамки на денешната акција, како што информираше Ивана Атанасовска од делчевскиот Црвен крст, хуманите граѓани во рамки на своите можности можеа да донираат парични средства како и прехранбени артикли и намирници со подолг рок на траење.

-Од паричните средства кои ќе бидат соберени заедно со останатите намирници, ќе бидат изготвени хуманитарни пакети, кои ќе бидат наменети за помош на ранлива категорија на граѓани. Поради ова упатуваме повик до сите граѓани, фирми, компании и институции во нашиот регион да се вклучат во акцијата и во рамки на своите можности да донираат парични средства, како и прехранбени артикли (тестенини, конзерви, брашно, сол, шеќер, зејтин, грав, ориз и друго со подолг рок на траење), се со цел да стигне до оние на кои им е најпотребна помошта, рече Атанасовска.

Освен денешната, според планираното вакви хуманитарни собирни акции ќе се реализираат и в петок и сабота.

-Петочната акција е предвидена со жителите од М.Каменица каде од 11 до 15 часот своите донации граѓаните ќе можат да ги достават во собирниот пункт пред Жито маркети во центарот на градот. В сабота во Делчево во рамки на оваа акција, ќе имаме два собирни пункта, спроти Основен суд и во непосредна близина на споменикот на паднатите борци кај Кит-го маркет, соопшти Атанасовска.

Од Црвен крст Делчево додадоа дека освен на пунктовите, граѓаните своите донации можат да ги достават и во просториите на Општинската организација на Црвен крст Делчево во склоп на работното време. Претходно како што додадоа слична поддршка за ранливите категории граѓани беше обезбедена и преку повеќе акции реализирани од Црвениот крст на Македонија.

Со хуманитарни собирни акции за помош на социјално загрозените лица Црвен крст ја одбележува Неделата за борба против глад

Со хуманитарни собирни акции за помош на социјално загрозените лица Црвен крст ја одбележува Неделата за борба против глад

Gepostet von delcevo365.mk am Mittwoch, 21. Oktober 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*