Усвоен ребалансот на општинскиот буџет за 2020 година

Делчевските советници ја усвоија одлуката за ребаланс на буџетот за 2020 година. Согласно новиот ребаланс на буџетот извршени се измени и дополнување со тоа што истиот како што образложи Анка Христова од секторот финансии е намален за околу 14,8%, со што вкупниот буџет ќе изнесува 301,4 милиони денари.

-Намалувањето на вкупниот Буџет на Општината со измените и дополнувањата е за 52,6 милиони денари и тоа намалување  на  Основниот буџет за 32,2 милиони денари или 29%, незначително намалување на буџетот на дотации за 318.211 денари, намалување на буџетот на донации за 14,4 милиони денари или 32% и намалување на буџетот на кредити за 5,6 милиони денари или за 17,4%. Во буџетот на самофинансирачки активности нема измена, рече Христова.

Советниците на 46 седница ја утврдија цената на висината на надоместокот за користење на мртовечницата со ладилник (капела) на градските гробишта Делчево, донесена од Управниот одбор на ЈКП „Брегалница“-Делчево. Висината на надоместокот за користење на мртовечница со ладилник (капела) на градски гробишта Делчево, согласно одлуката е утврдена на 2 илјади денари.

Советот на 46 седница ги усвои и предлог-одлуките за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Општина Делчево и Општина Македонска Каменица, одлуките за стипендии на ученици и студенти од Делчево, како и за измена на годишниот план за вработување на ЈЛБ „Илинден“. Како дел од дневниот ред беа усвоени и повеќе одлуки од областа на урбанистичкото планирање.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*