Коронавирусот ги проблематизираше плановите на Здравствениот дом во Делчево околу најавените специјализации на лекарите, кои треба да ги заменат специјалистите пред пензија. Дополнителен проблем во таа насока, како што информираше директорката на делчевскиот здравствен дом, д-р Марија Глигоровска создаде и заминување на дел од лекарите од земјава, како и нивно заминување на приватни специјализации, што заедно со обврските кои лекарите ги имаат како дел од справувањето со вирусот Ковид-19, создаде ситуација која моментално е „статус кво“, во однос на она што беше планирано.
-Знаете, во септември и март се распишуваат конкурси за специјализација. Оваа година многу се доцни, веќе сме крај на октомври. Во разговор со деканатот на Медицинскиот факултет, имаме најава за брза средба, за да се разговара на оваа тема. Сепак, знаете имаме нов бран со Ковид-19 за чие справување со вирусот вклучени се и самите специјализанти. Од она што е сигурно и што може да го кажеме е дека нови специјализации ќе има, ние направивме програма, меѓутоа веројатно повеќе вниманието сега ќе биде насочено кон есенскиот и зимски бран на епидемијата. Инаку нашата установа и нашиот град Делчево, но и М.Каменица многу изгубивме со тоа што ни се случија некои работи, кои ни ги закочија специјализациите.

Во 2019 година имавме обезбедено специјализација по неврологија која навистина ни е потребна и за среќа таа специјализација ја реализиравме: Меѓутоа во 2019 година во месец септември една од лекарките замина на приватна специјализација, бидејки не можевме веднаш да ја пратиме на специјализација, во меѓувреме се откажа, си отиде по свој пат, што е нејзино право, така што и поради ситуацијата со вирусот, а и со тоа што не напуштија две докторки во овие две години, специјализацијата не можевме да ја реализираме. Истото ни се случи и во Каменица. Докторка која доби специјализација за интерна медицина, исто така замина на приватна специјализација. Во М.Каменица неколку пати распишуваме конкурс за доктор, еве сега пак ќе има конкурс, но се уште не можеме да најдеме лекар за да ја пратиме на специјализација, вели Глигоровска.
Охрабрувачки според директорката, е тоа што има доста лекари кои имаат завршено факултет и на кои им останува обврската за завршен државен испит, по што лекарите ќе можат да ги заменат повозрасните колеги кои се пред пензионирање.

-Имаме вкупно 4 млади лекари кои ќе полагаат државен испит и потоа ќе можат да го збогатат фондот на доктори во двете општини. Во М.Каменица има една докторка која има завршено со државен испит и ќе ја примиме на работа, така што се надевам дека и со останатите лекари кои ќе го завршат државниот испит, ќе го збогатиме со доволен број доктори здравствениот дом и во Делчево и во М.Каменица. Тие доктори што се од Делчево, ќе можат да ја покријат Итната помош како млади доктори, за да можеме посточеките доктори да ги пратиме на специјализација. Затоа што знаете дека во Делчево имаме доволно специјалисти, но старосната граница е висока, има најава за пензија, така да ќе останеме без специјалисти.

Ако се случи есента да се реализираат специјализациите, можеме уште сега да пратиме на специјализација, ако не во март секако ќе можеме да пратиме и тие што претходно беа предвидени за 2019 година, но и за 2020 што беа специјализациите, додека следната есен да ги реализираме и за 2021 година, затоа што имаме најава за некои млади студенти кои веќе завршуваат и во Бугарија и во Скопје и Штип, така што наредната година, ако се биде во ред, ќе ги реализираме сите специјализации, додаде Глигоровска.
Со цел создавање подобри услови за работа деновиве во делечвскиот здравствен дом во тек е и реконструкцијата на дел од внатрешните простории во установата. Досега, како што додаде директорката, пред крај се работите на здравствената станица во М.Каменица, додека наскоро ќе заврши и реновирањето на делчевската амбуланта.

Leave a Reply