
Во регионот на Македонска Каменица досега се вложени околу 23 милиони евра за подобрување на патната инфраструктура. Ова при денешниот увид на градежните активности на изградба на регионалниот пат Македонска Каменица – село Саса, го истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој рече дека инвестицијата за реконструкција на патниот правец се реализира преку Јавното претпријатие за Државни патишта.
-Денеска направив увид во целосната реконструкција на овој пат, кој е доста значаен, бидејки поврзува две села со М.Каменица, но и рудникот Саса, кој е еден од гигантите во Источниот регион, вработува голем број на граѓани, а исто тоа и голем број на транспортни возила, постојано поминуваат заедно со вработените. Должината на патот е 10 километри и инвестиција од 2,3 милиони евра. Инвестиција која е многу значајна, на делница која со години не била санирана и реконструирана, а денес се врши темелно реконструирање на целиот овој пат, со максимална реконструкција, вадење на тампонскиот слој и поставување нов слој на тампон и два слоја на асфалт од 15 сантиметри, ширината е 5,5 метри. Инвестицијата е на Јавното претпријатие за државни патишта преку ЕБОР, рече Бочварски.
Од вкупната должина од 10 километри, досега како што додаде министерот Бочварски се асфалтирани 2 километри, но работите како што додаде, продолжуваат и понатаму.
-Овој пат има добра динамика на реализација, очекуваме во текот на наредната година да биде завршен пред утрвдениот рок. Нашите приротитрети ќе останат модерна и поквалитетна инфраструктура и модерна и да ги намалиме жртвите, со тоа што ќе ја зголемиме безбедноста на патните правци. Ова особено важи за целиот Источен регион, кој од слепо црево, денеска е регион кој е со многу развиена квалитетна инфраструктура, по која можат да се движат граѓаните и се разбира бизнис секторот кој егзистира овде. Се сеќавате како беше пред неколку години, каде карпи стоеја со години неотстранети. Денес имаме нов пат од Кочани до М.Каменица, но и се гради и новиот експресен пат, чија изградба на првата делница заврши, втората делница е изградена некаде 23 проценти и е во вредност од 18 милиони евра. Значи инвестиции кои значат подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поквалитетна инфраструктура, посилен бизнис и подобри работни места, додаде Бочварски при денешната посета на М.Каменица.
Со реконструкција на регионалниот пат М.Каменица – Саса, како што додаде градоначалничката на М.Каменица, Соња Стаменкова се реализира и предизборното ветување, кое претходно беше дадено пред граѓаните.
-Покрај ветувањето, со целосно завршување на овој значаен патен правец ќе се зголеми безбедноста, посебно за жителите од селата Саса и Моштица кои гравитираат кон овој пат, но и големиот економски гигант со вработените во рудникот Саса, додаде Стаменкова.
Жителите на село Саса, како што самите изјавија, долги години ја очекуваа реконструкцијата.
-Ова го очекувавме многу одамна, сега ќе бидеме стрпливи да издржиме и прашина само да се направи, истакна жител на село Саса.
Од општината упатија благодарност до поранешниот и сегашниот Министер за транспорт и врски, како и поранешниот директор на ЈП за државни патишта, кои според нив се заложиле, реконструкцијата да биде реализирана според зацртаното.
Leave a Reply