Социјалниот совет при општина Берово го усвои социјалниот план за 2021 година. Социјалниот план според Биљана Марковска од ЕЛС Берово предвидува реализација на повеќе проекти во делот на социјална заштита.
-Се работи за повеќе проекти, при што во 2021 година е предвидено детската градинка „23 Август” да функционира во проширен капацитет, а општинската јавна установа за социјална заштита на стари лица „др. Иван Влашки“, да ја прошири дејноста, со грижа и нега на стари лица во домашни услови, во Берово и во населените места, истакна Марковска.
Во престојниот тригодишен период колку што ќе важи социјалниот план, како што додаде марковска, најавена е и реализација на проект за подобрување на состојбата на Ромите во општина Берово.

-Посебно е предвидена изградба и реконструкција на 15 куќи на ромски семејства во ризик, кој ќе биде реализиран со средства од ЕУ. Проектот опфаќа и други компоненти, како што се, измена на ГУП и ДУП, инфраструктура и подобрување на капацитетите за поголема конкурентност на пазарот на труд и отварање на сопсвени мали бизниси, додаде Марковска.
Главна цел по усвојувањето на социјалниот план, како што додаде е општината да продолжи со стремежот кон намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост. Исто така, како што наведе преку јакнење на капацитетите на лицата од ранливи категории и нивна правилна инклуизија во општеството, општината ќе продолжи да го следи трендот на децентрализација на социјалните услуги.
Leave a Reply