СВР Штип со активности во Делчево по повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи

Отсекот за превенција при СВР Штип, во соработка со Републичкиот завод за безбедност во сообраќајот на патиштата, денес во општините Делчево, Берово и Пехчево со кампања наменета кон учесниците во сообраќајот, активно се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи. 

Како што информираше Ангелчо Стојановски од отсекот за превенција при СВР Штип, оваа година на подрачјето на Источниот регион е забележано значително намалување на жртвите и повредените во овие сообраќајни незгоди.

-На подрачјето на СВР Штип, каде потпаѓаат и општините Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица до месец октомври имаме 16 сообраќајни незгоди и 17 починати лица. Изразуваме благодарност до градоначалниците на општините Делчево, Берово и Пехчево, каде денес на нивно подрачје се реализираат овие превентивни активности, за доприносот кој го даваат за подобрување на патната инфраструктура, со што се допринесува за  побезбедно учество на сите учесници во сообраќајот, рече Стојановски.

Минатата година во нашата држава, како што додаде Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата регистрирани се 132 загинати жртви во сообраѓајни незгоди и притоа имало 5164 повредени. 

-Според таа статистика минатата година имало по 1 жртва од сообраќајни несреќи на секои два до три дена. Со денешната активност всушност им оддаваме почит на сите лица кои го изгубија животите, но во исто време апелираме до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни како возачи. Со реализирањето на овие активности, сакаме да укажеме дека сите сме потенцијални жртви во сообраќајот, несреќите не бираат време, место и личности, затоа во секој миг треба да бидеме внимателни и дициплинирани и одговорни учесници во сообраќајот. Само со тоа ќе успееме да ја намалиме црната статистика во однос на бројот на загинати и повредени во сообраѓајни несреќи, додаде Манчев.

Обврска на градоначалниците во однос на оваа кампања, како што додаде градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, е да работат на проекти за подобра патна инфраструктура и реализација на поголем број сообраќајни проекти.

-Во однос на оваа кампања сите градоначалници се трудат да имаат свој придонес, за да не биде само овој ден, кога се потенцира тој настан. Она што ние треба да го направиме е секојдневно да се грижиме за тоа да ги подобруваме условите и квалитетот на животот на граѓаните со подобрување на инфраструктурата. Во таа насока, мора да се трудиме да обезбедиме и изработуваме и сообраќајни проекти за поставување вертикална и сообраќајна сигнализација на улиците кои ги градиме, за да можат и пешаците и возачите бидат побезбедни, рече Трајковски.

СВР Штип и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата денешната активност ја реализираат на иницијатива на Светската здравствена организација која секоја година се одбележува, секоја трета недела во ноември.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*